Деновиве кинеските социјални мрежи повикуваат на бојкот на H&M и на другите западни брендови.
Инфлуенсерите и познатите личности објавуваат дека ги прекинуваат врските со брендовите. Гејмерите ги одбиваат видео игрите создадени од Burberry платформите. – Повод за бојкотот е регионот Xinjiang во Кина и обвинувања на Западот за наводна присилна работа во индустријата за памук – обвинувања демантирани од кинеската влада. – Директната причина треба да се бара за веста објавена на 22 март, кога Велика Британија, Канада, Европската унија и Соединетите држави објавија санкции за кинеските власти во ескалацијата на расправијата за третманот на Uyghurs во Xinjiang.
Претходно, во јануари, администрацијата на Трамп забрани секаков увоз на памук од регионот, како и производи направени од материјалот и прогласи дека се случува „геноцид“. Во тоа време, Workers Rights Consortium предупредија дека работата е далеку од едноставна и дека памукот од Xinjiang е вклучен во повеќе од 1,5 милијарди облеки, што годишно се увезуваат од американски брендови и трговци на мало.
Од 23 март на кинеските социјални медиуми започнаа да кружат слики од изјавата објавена во септември 2020 година, од страна на „H&M“, во која се повикуваат на „длабока загриженост“ во врска со извештаите за присилна работа во Xinjiang и дека тие престанале да купуваат памук од регионот. Уследи реакција: од повици за бојкот на производите на H&M, до повлекување, од понудата на овие производи од најпопуларните платформи за електронска трговија во Кина, Tmall и JD.com на Alibaba Group. Се огласи и Комунистичката младинска лига, влијателна организација на Комунистичката партија. За неколку часа, и на другите големи западни брендови почнаа да им се случуваат исти работи. Инфлуенсерите и познатите личности, исто така, ги прекинуваат врските со западните брендови.
Инфлуенсерите во Кина имаат уште поголема моќ врз однесувањето на потрошувачите во споредба на оние од Западот, што значи дека тие играат клучна улога во легитимирањето на брендовите и водењето на продажбата. Кога Tao Liang, направи соработка со Givenchy, на пример, чантите се распродадоа за 12 минути, а накитот наводно бил распродаден за една секунда (имало 100 комплети). Затоа H&M работеше со Victoria Song, а Nike со Wang Yibo.
Зошто работава стана голема? – според пишувањето на The New York Times, прашањето има растечки политички и економски импликации. Додека пандемијата продолжува да ја опфаќа глобалната малопродажба, потрошувачите се повеќе се прилагодуваат на тоа кој ја прави нивната облека и како се третира трудот, правејќи притисок врз брендовите да ги стават своите вредности таму каде што се нивните производи.
Кина стана важен центар за продажба на модната индустрија, имајќи ги предвид нејзините размери и фактот дека таму има помали нарушувања од пандемијата, отколку на другите клучни пазари, како на пример во Европа. Потоа, исто така, меѓународните политичари стапуваат на дело, воведувајќи забрани и санкции.
Модата стана дипломатски фудбал, коментира The New York Times.
Сепак, изминативе месеци многу западни брендови излегоа со соопштенија за загриженост за човековите права во нивниот синџир на снабдување. Некои ги прекинаа деловните врски со регионот, некои изјавија дека прекинот е времен, до промена на ситуацијата во спомнатиот кинески регион.
Откако весниците (The New York Times, The Wall Street Journal, Axios..) објавија извештаи што ги поврзуваат Ујгурите со синџирите на снабдување на многу од најпознатите светски трговци со мода, вклучувајќи ги Adidas, Lacoste, H&M, Ralph Lauren and the PVH Corporation, који ги поседува Calvin Klein и Tommy Hilfiger, многу од тие брендови ги проценуваа односите со добавувачите од Xinjiang.
Xinjiang е регион во северозападна Кина во кој се произведува околу петтина од светскиот памук. Во него живеат многу етнички групи, особено Ујгурите, муслиманско малцинство. Иако е официјално најголемиот од петте кинески автономни региони, што во теорија значи дека има поголема законска самоконтрола, централната влада е сè повеќе вклучена во областа, велејќи дека мора да ги извршува своите овластувања поради локалните конфликти со Хан Кинезите (етничко мнозинство). Ова, според весникот, резултирало со драконски ограничувања, надзор, кривични гонења и кампови за присилна работа. Околу еден милион Ујгури и други муслимански малцинства се преквалификувани да станат примерни работници, послушни на кинеската комунистичка партија, преку присилни работни програми.
Кинеските социјални мрежи не реагираа тогаш, туку сега, по последните санкции. Водечките кинески платформи за е-трговија почнаа да ги исфрлуваат големите меѓународни брендови од нивните страници, а голем број познати лица ги осудија своите поранешни странски работодавачи.
Потенцијално, најмногу е погодена брзата мода и снабдувачите со суровини од Западот. Така, досега Adidas, Nike, Converse и Burberry беа зафатени со кризата. Дури и пред забраната, компаниите снабдувачи, како Patagonia, PVH, Marks & Spencer и Gap објавија дека не доставуваат материјал од Xinjiang и официјално зазедоа став против кршење на човековите права.
Значи, за сега е погодена брзата мода, снабдувачите и високата мода, амбицирана да го освојува се помоќниот кинески пазар. Кој ги брои милионите вработени во целиот синџир – од кинеската област, до транспортерите, создавачите на финалните производи, дистрибутерите, продавачите? Кој се грижи за последиците со кои тие се соочуваат? За сега – никој./M.M.