Интернационално наградувана, присутна во многу странски земји и градови, како Њу Јорк, Виена, Цирих, Лозана, Минхен, Софија, Белград, Дубаи, Љубљана, како и во реномираната американска стоковна куќа ‘Macy’s’, Росица Мршиќ, наша еминентна дизајнерка, континуирано создава сезонски модни колекции. Го применува и гради архитектонскиот, скулптурален и чист израз, кој се допира со својата спротивност- романтичниот и женствен “look”. Росица Мршиќ брендот е приказна на нејзиниот личен стил.

 

MM: Како би се опишале себе си – своите почетоци, поривот за создавање, за она што ве одржало и насочило кон успехот?

Личност која постојано бара нови креативни предизвици и усовршување на изразот. Моите почетоци со создавање на предмети и облека, не секогаш направени од текстилен материјал, се провлекуваат низ раното детство и средношколскиот период. Потребата од изнаоѓање нови форми на претставување на идејата е таа што отсекогаш ме движела и мотивирала за континуирано создавање на модни парчиња. Почетокот на Росица Мршиќ брендот е во 2008 годината, по враќањето од мојот престој како предавач на Академија Италијана во Банкок, Тајланд. Импресиите од состојбата на тајландската модна сцена претставуваа инспирација за моето вклучување и придонес на домашната модна сцена. Појавата на брендот беше одговор на потребата на македонските љубители на мода за нов и иновативен бренд со космополитска безвременска естетика. Росица Мршиќ стана пример за бренд кој работи по принципите на одржлива и еко мода и придонесува за одржување на животната средина. Од првата година на работа на брендот во 2009 година секоја сезона во континуитет пласира модни колекции на домашниот и интернационалниот пазар. Мојот интерес креативно да се изразувам не само преку облеката, туку да градам целосен имиџ на брендот,  доведе до соработка со други дизајнери, артизани, текстилни компании од што како резултат произлегоа  линии на авторски дизајнерски хулахопки и чорапи, чевли, чанти и шапки, дизајни на маици и костими за капење за компании и брендови, накит изработен од дизајнери соработници за презентација на колекции, низ сите овие години. Постојаното вложување во себе, доследноста во изразот и континуираната креативна присутност ја дефинираат препознатливоста на секој бренд.

Колекција 2011 – Росица Мршиќ

Колекција 2016 – Росица Мршиќ

Колекција 2017 – Росица Мршиќ

Колекција 2018 – Росица Мршиќ

Колекција 2019 – Росица Мршиќ

ММ: Како би го опишале вашиот стил?

Мојот моден стил е во линија со она што го создавам – урбана, рафинирана естетика која е безвременска, опуштено софистицирана и наклонета кон минимализмот, но со експресивни, необични и храбри детаљи, или на кратко “twisted classics”. Јас го применувам и градам архитектонскиот, скулптурален и чист израз кој се допира со својата спротивност – романтичниот и женствен “look”. Росица Мршиќ брендот е приказна на мојот личен стил.

ММ: Која е водечката инспирација за создавањето?

Инспирацијата се менува и зависи од личните интереси во одреден период. Инспирацијата ја наоѓам насекаде, и ги држам очите широко будни. Следам и се информирам за сите креативни дејности, уметности и новитети во светот со фокус на дизајнот. Темите се менуваат од сезона во сезона, во зависност од моменталните интереси и тоа што ме опкружува, а формите и истражувањето на истите е процес во континуитет кој секоја сезона добива облик во својствена боја и шара. Тие никогаш не се повторуваат, а се надоградуваат од сезона во сезона… Името на секоја колекција е заокружување на концептот и идејата, начин најдобро да се изрази она што треба да го претставува. Секоја колекција има своја носечка нишка, своја унија од идеи, свои разработени елементи, форми, детаљи, своја приказна, свој карактер, свој единствен пристап на создавање, своја препознатливост…

Креација Росица Мршиќ

ММ: Што би издвоиле како највпечатлив личен успех во создавањето?

Тоа што Росица Мршиќ е неколкупати интернационално наградувана дизајнерка, чија работа до сега била присутна во многу странски земји и градови: Њу Јорк, Виена, Цирих, Лозана, Минхен, Софија, Белград, Дубаи, Љубљана, како и во реномираната американска стоковна куќа ‘Macy’s’, како и можноста континуирано да создавам сезонски модни колекции.

ММ: Колку луѓето знаат и купуваат дизајнерски парчиња, колку ги користат електронските продавници и какви се досегашните искуства? 

Уште на почетоците од основање на брендот, имавме добар одговор од локалната модна публика и тоа ни беше мотив сите овие години континуирано и посветено да продолжиме да работиме на развој и надградување на брендот. Но, нашиот пазар е мал и економски не е доволно моќен за да овозможи брз и голем раст на модните брендови. Жените, следбеници на Росица Мршиќ брендот, ја сакаат необичноста и уникатноста на нашите дизајни. Секое парче создадено кај нас е секогаш внимателно креирано, со многу внимание и посветеност, и истото се носи многу сезони. Таа безвременска естетика во комбинација со впечатлив но не наметлив и софистициран изглед е нашиот адут кој секоја сезона им се обраќа на вистинските љубители на модниот дизајн. Росица Мршиќ има своја дигитална продавница која доставува низ целиот свет уште од 2014 година. Кај нас, заради можноста да го видат и доживеат парчето во живо, модните љубители преферираат физички продавници наместо онлјан  продавници.

Креација Росица Мршиќ

ММ: Какви се идните планови?

Во моментов ги завршувам подготовките за промоција на мојата најнова, 24та колекција “Technicolor”. Топла, наменета за ладни зимски денови, софистицирано спортска, идеална за секојдневните потреби и новиот начин на живеење . Плановите за блиската иднина се да ја доразвијам “lifestyle” линијата на која сега работам. Сметам дека модата е само мал дел од целата индивидуална приказна и живеење, па мојата идеја е Росица Мршиќ да прерасне во “lifestyle” бренд кој ќе нуди авторски и дизајнерски предмети за домот. Тоа што во моментов го работам и наскоро ќе биде промовирано е серија на уметнички дигитални слики на платно, кои се продолжување на изразот на “Colorscape” колекцијата. А секако и да се продолжи да се работи на уште поголема присутност на модната линија Росица Мршиќ. /M.M.

Креација Росица Мршиќ

Креација Росица Мршиќ

 

You may also like

Comments are closed.