ММ: Како би се опишале себе си – своите почетоци, поривот за создавање, премрежјата, она што ве одржало и насочило кон успехот?
Фросина – Фран: Моите почетоци се најверојатно уште од основното училиште, кога на часови по математика цртав креации на задните листови од тетратката. Шегата настрана, мислам дека кај секој уметник нагонот за создавање се јавува уште во многу рани години, а нему и на неговите блиски им е оставено да ги препознаат и валидираат. Бидејќи ја имав таа среќа рано да го откријам својот талент, имав простор правилно да се насочам, образувам и работам на него уште од сам старт.
ММ: Каде го стекнавте Вашето образование/ едукации, каде првите креативните искуства?
Фросина – Фран: Високо образование изучив во Фиренца-Италија, на престижниот моден универзитет – Полимода. Од образованието ги добив кординатите, но се останато беше мој личен белег. Кога веќе стекнав една убава основа на факултетот за моден дизајн, многу ми беше полесно да ги реализирам идеите бидејќи сега ги имав и потребните алатки и знаење за тоа. Инспирацијата е секогаш поинтензивна тогаш, тазе излезен од рерната со еден куп информации кои едвај чекаш да ги примениш, а најголемиот предизвик е да се одржи тој ентузијазам. За жал, веднаш по завршувањето на факултетот и враќањето во Македонија како сите врати наеднаш да ми се затворија, бидејќи тука немаше некој сериозен пласман за мојата дејност и тоа многу тешко ме погоди.
Следеше еден многу мрачен период за мене во кој се чувствував бескорисна, но за среќа не траеше долго и многу набргу добив понуда да одам на дополнителни студии во Јапонија која со двете раце ја прифатив.
Така се најдов на Osaka Bunka fashion college каде поминав шест незаборавни месеци. Еден нов свет, една друга реалност и, верувајте ми, тоа за мене беше life changing experience, иако не успеав да понесам премногу техничко знаење од таму поради јазичната бариера. Престојот во Осака толку многу направи за мојата креативна енергија што мислам дека до денес црпам инспирација од тој период.
И самите знаеме дека животот не е една константа и секогаш имаме нови предизвици со кои треба да се соочиме (како на пример оваа 2020 година што несомнено е најтешката во нашата кариера) но како млад уметник имам голема одговорност и уште поголем мотив кон успехот. Животот е пред нас, имаме уште многу простор за творење и креативно изразување.
ММ: Како би го опишале вашиот стил?
Фросина – Фран: со еден збор – женствен.
ММ: Која е водечката испирација за созадавње (за темите, формите, името, изборот)?
Фросина – Фран: Инспирацијата ја имам насекаде околку мене. Само треба да се разбудам и да си речам од денес го правам ова и јас сум целосно фокусирана и максимално посветена до крајниот производ што сум го замислила. Идеите (барем оние добрите) секогаш ми доаѓаат така, на импулс, во момент и – целосно ме обземаат! Од друга страна пак, ако нештото премногу го мислам и се вртам околу него, значи дека не ме убедува доволно.
Единствено, мојата последна колекција за жени со облини е нешто што како идеа се крчкаше долго време и само го чекаше вистинскиот момент за реализација. Во дефицит со време, секогаш го оставав за, кога ќе дојде на ред, а бидејќи годинава време имавме на претек, се отвори простор да и се посветам. Оваа колекција, меѓу другото, говори дека изборот потекнува од секојдневието и потребата на пазарот од уникатни парчиња за таа целна група. Со тоа ги повикувам жените со облини да се сакаат себе си такви какви што се и ги охрабрувам да бидат смели во нивните стилски избори!
ММ: Што би извоиле како највпечатлив личен успех во создавање?
Фросина – Фран: Најголемиот личен успех не е едно дело или еден настан. Како најголем мој успех го сметам капацитетот да се адаптирам и пренасочам во зависност од околнотите и побарувачката. Како што веќе знаете, јас сум дипл. Моден дизајнер, но многу години наназад работам и како шминкер (мнозинството можеби повеќе ме препознаваат по тоа), а и многу други сродни професии. Се трудам максимално да ги исползувам моите креативни капацитети, да создадам нешто ново, уникатно и, на крајот, од тоа да можам да имам и финансиски придобивки.
ММ: Дали може да се живее од професијата дизајнер и колку луѓето знаат и купуваат дизајнерски парчиња?
Фросина – Фран: Има луѓе кои го ценат уникатното, она направено специјално за нив, но во константа е многу тешко да живееш само од тоа бидејќи кај нас кај дизајнер се оди само за свадба, матура, апсолвентска, роденден, нова година и слично. Малкумина се оние кои носат и практикуваат да нарачуваат константно, па дури и да има такви, не се ограничуваат само со еден дизајнер, или пак само на македонски дизајнери.
Оние кои можат да си дозволат, речиси секогаш преферираат првенствено да се облекуваат во странски брендови, а потоа во локални. Но, секој кој работи, и ја сака работата, ќе успее!
Иако можеби сон на секој дизајнер е да може да живее и работи само од модата, ревии, колекции, the good life, кај нас реалноста е дека мора да се снајдеш и да го прошириш портфолиото на услуги.
Се борам!
ММ: Може ли да ни кажете нешто за идните планови?
Фросина – Фран: Да сме живи и здрави сите. Планови има но, кога ќе дојде време за тоа! /М.М.