Низ годините се соочував со најразлични предизвици кои успевав успешно да ги надминам со текот на времето, но ковид кризата е дефинитивно најголемиот предизвик во мојата работа досега, вели Силвија Михајловска – Алшар за создавањето и работењето во оваа, 2020 година
Имам долгогодишно искуство со работа на модната сцена во Македонија, а официјално 12 години имам сопствен моден бренд и студио (ателје) за продажба на моите дизајни. Низ годините се соочував со најразлични предизвици кои успевав успешно да ги надминам со текот на времето, но ковид кризата е дефинитивно најголемиот предизвик во мојата работа досега.
Во овој период мојот принцип на работа не се смени драстично бидејки јас веќе одамна се прилагодив на потребите на моите купувачи, па така освен дизајнерските колекции во моето ателје можат да се купат и посекојдневни по кежуал креации. Мојот принцип на работа подразбира изработка на неколку дизајнерски колекции (Black label линија) во текот на годината, составени од уникатни парчиња облека со покомплексни кроеви и многу рачни доработки, како на пример сликање и везење – содржат многу детали, како нитни и метални патенти…како сликар по професија сакам секое парче облека што го создавам да има уникатен креативен белег и да
биде препознатливо и единствено…
Овие дизајнерски колекции кои досега успешно ги промовиравме на модни ревиии или со помош на фотосесии, го покажуваат мојот стил на работа и се со силен дизајнерски печат… Истовремено овие колекции ги надополнуваме со креации (White Label линија) кои ја следат истата идеа или инспирација во таа сезона, но се со по кежуал дизајн и се изработени во мали лимитирани количини. Двете линии се со врвен квалитет во дизајнот и во изработката и се направени од високо-квалитетни ткаенини.
Оваа година поради целата ситуација со ковид кризата акцентот е ставен токму на тие по кежуал креации кои многу повеќе ги исполнуваат моменталните потреби на нашите клиентки. Нашата работа ја насочивме кон изработка на креации кои се носат преку целиот ден и се практични, удобни со пристапни цени и одличен квалитет. Воедно, за да бидеме конкуретни на пазарот и да може да функционира целиот мој тим во овој исклучително кризен период, ги следиме сите трендови во продажбата на големите брендови, што подразбира on line продажба, чести акциски попусти и генерално намалени цени.
Мислам дека со фокусирање на потребите на купувачите, квалитет и огромна доза на единственост на она што им го нудите на потрошувачите може да се надмине секоја криза, истакнува Силвија Михајловска – Алшар. Ова е период кога жените особено мудро и дозирано купуваат сакајќи, независно од сите проблеми, да се чувствуваат и да изгледаат убаво. Затоа, од огромна важност е сега, како и секогаш, да го испочитуваме тоа, нудејќи им исклучителни и убави парчиња облека, во кои ќе се чувствуваат прекрасно. /М.М.