Модниот визионер Армани го редефинира костумот, го освои Холивуд и остави наследство што и во иднина ќе ја води индустријата
Џорџо Армани, најуспешниот италијански дизајнер и еден од највлијателните творци во историјата на модата, почина на 91-годишна возраст. Со неговото заминување, светот не изгуби само креатор, туку и човек кој ја издигна модата во уметност со јасна филозофија: вистинската убавина се создава со воздржаност, чистотата и сеопфатна дисциплина.
Роден во Пјаченца во 1934 година, Армани ја започна кариерата како декоратер на излози, за подоцна да се усовршува во работилницата на реномираниот дизајнер Нино Черути. Во 1975 година, заедно со Серџо Галеоти, ја основа модната куќа „Giorgio Armani“. Таа наскоро ќе прерасне во глобална империја со брендови како „Emporio Armani“ и „A|X Armani Exchange“, а до 2024 година компанијата има остварувано годишни приходи од по 2,3 милијарди евра.
Армани го промени начинот на облекување – неговите костуми станаа симбол на моќ и софистицираност, а неговата визија за минимализам го редефинира луксузот. Од American Gigolo, со Ричард Гир, до црвениот ќилим во Холивуд, неговите креации станаа дел од култната меморија. Армани беше омилен избор на актери и актерки како Џулија Робертс, Кејт Бланшет, Леонардо ди Каприо и Том Круз.
Но, зад светкавите рефлектори стоеше човек со принципи. Во своите бутици воспостави правила на ред и воздржаност – не повеќе од три исти парчиња по закачалка, не повеќе од шест џемпери во куп. „Рамнотежата и чистите линии се вистинската сила“, велеше тој. Симболичен остана и гестот кога по смртта на принцезата Дијана, продавницата на Армани во Лондон прва ги затвори вратите, а излозите ги исполнија цвеќиња и фотографии – сведоштво дека брендот за него беше -пред сè – вредност и став.
И покрај здравствените предизвици во последните години, Армани остана креативен двигател. Во 2025 година, првпат ја пропушти Миланската модна недела, но тогаш откри и план за постепен пренос на одговорностите кон своите најблиски соработници, пред сè Лео Дел’Орко, долгогод одговорен за машките линии.
„Наследството треба да биде органско, а не момент на прекин,“ истакнуваше, свесен дека модната куќа што ја градел половина век мора да остане верна на неговите принципи и после него.
Џорџо Армани ќе остане запаметен како дизајнер кој ја издигна едноставноста во врвна уметност и го обликуваше поимот за елеганција во современото доба. Неговиот стил, како и неговата филозофија, остануваат безвремени./M.M.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.