Подготовките за 30-тото издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, се во полн ек. Ќе се слави со песна! На први и втори септември, во нашиот прекрасен Охрид, на сцената на Долни Сарај, ќе се одржат Фолк и Интернационалната вечер на јубилејното издание на фестивалот, ќе има многу квалитетна музика, етаблирани имиња, што на вистински начин ќе го одбележат големиот јубилеј на фестивалот со импресивна традиција.
„Во 1994 година започнаа „Охридски трубадури“, што, еве ја продолжуваат традицијата и годинава го имаме 30 издание на „Охрид фест-Охридски трубадури“- се сеќава оснивачот и идеен творец на фестивалот, Григор Копров. „Фестивалот тогаш имаше само Фолк вечер а на неа победија: Ленче тогаш-Дедејска, со „Течете солзи“ со прва награда од публиката и Горан Кукиќ со „Дали има пиле шарено“, со награда од жири.“
Оваа 2023 година е јубилејна и за овој наш голем композитор: Копров одбележува 50 лета блескава професионална музичка кариера. По 1994 година фестивалот се прошири со поп- вечер, а потоа се случи и Интернационалната вечер.
Уметнички директор на Фолк вечерта и годинава е Љупчо Соколовски, традиционално ќе ја води – Каролина Петковска и први септември ќе биде во знак на македонската фолк елита- Наум Петрески, Зуица Лазова, Петар Нечовски, Нино Величковски, Душко Георгиевски…
На Интернационалната вечер уметнички директор е Горан Шарац а на неа, во ревијалниот дел ќе настапат Гоца Тржан и Принц, Алка Вуица, Срѓан Марјановиќ, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ…
Наградата за промоцијата на музиката на Балканот ќе му припадне на легендарниот Дадо Топиќ, кој ќе ја изведе култната песна „Македонија“ снимена 1973 година, хит „тежок“ 50 години, додека Неда Украден ќе добие награда за безвременскиот хит „Зора је“, што ќе го изведе на сцената на Долни Сарај.
Водителската двојка Марјана Станојковска- Васил Зафирчев ќе бидат домаќини на Интернационалната вечер, каде стандардно фестивалот им остапува простор и на младите музички надежи за кои е задолжен Давор Јордановски.
Преносот на „Охрид- фест“ е преку националниот сервис МТВ, а големиот интерес за него го потврдуваат и странските телевизии. Зад „Охрид фест“ се 29 успешни години, а на ова 30-тото издание сите се добредојдени: влезот на Долни Сарај е слободен.
„Охрид фест – Охридски трубадури“