Оригинални сценски визуелни ефекти, во форма на 3Д мапинг и уникатна програма, ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) на македонскиот камерен оркестар „Профундис“, штој ќе се одржи утревечер, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет.
Спојот на музиката и на визуелното ќе биде збогатено со специјално креирани ефекти на Милчо Узунов кои, со технологијата на 3Д мапинг, во целост ќе ја оживеат сцената на МОБ и ќе бидат уникатно доживување што за прв пат во нашата земја ќе се случува на концерт од класичната музика.
Како солист на концертот ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
На концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) донесува оригинална програма со четири праизведби составени од класика, фолклор и рокенрол. На програмата се дела на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате, а ќе бидезбогатена и со делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.
– „ Програмата концептуално е составена од одбрани композиции коишто во фузија со 3Д мапингот ќе предизвикаат „напад“ на сите сетила кај публиката. Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува засекогаш“ – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
Драган Ѓорѓевиќ e еминентен виолончелист и професор по виолончело на Факултетот за музичка уметност во Белград. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Белград и ги продолжил студиите во Лондон, каде што свирел со Лондонскиот симфониски оркестар и Кралската северна симфонија. Драган подоцна студирал со Јанг Чанг Чо на Hochschule fur Musik во Германија, каде што ја добил својата диплома со одликување и посебна чест. Тој е и уметнички директор на Училиштето за музички надарени деца во Ќуприја.
Влезниците, по цена од 750 денари, се продаваат преку мрежата на МКТикетс во државата, како и на следниот линк – https://mktickets.mk/event/groove/