Ноќното осветлување влијае врз здравјето – новите студии ја поврзуваат ноќната светлина со ризикот од повеќе болести.
Нашиот модерен, добро осветлен свет може да го повредува здравјето на начин на кој истражувачите само што почнуваат да го разбираат. Две неодамнешни студии укажуваат на потенцијални ризици од прекумерно ноќно осветлување, поврзувајќи го со зголемениот ризик од дијабетес тип 2 и Алцхајмерова болест.
Истражувачите од австралискиот Flinders универзитет анализираа податоци од околу 85,000 учесници од Обединетото Кралство, при што е утврдено дека оние кои биле изложени на светлина од 12:30 до 6 часот наутро имаат поголем ризик од развој на дијабетес тип два.
Оваа корелација постоји без оглед на дневната изложеност на светлината. Намалувањето на изложеноста на светлина во текот на ноќта е едноставен и рентабилен начин за подобрување на здравјето и потенцијално намалување на ризикот од дијабетес тип 2, изјави за магазинот Medical News Today д-р Andrew Phillips, постар автор на студијата.
Во меѓувреме, посебна студија откри врска помеѓу изложувањето на ноќното светло и ризикот од Алцхајмерова болест, особено за оние под 65 години. Во оваа возрасна група, поврзаноста помеѓу светлосното изложување и преваленцата на Алцхајмеровата болест е посилна од кој било друг фактор на ризик.
Двата наоди ја нагласуваат важноста на деноноќниот ритам – на биолошките часовници кои се регулирани со изложување на светлината. Нарушувањето на овој ритам преку ноќна изложеност на светлина може да влијае на различни телесни процеси, вклучувајќи го метаболизмот, одржувањето на мускулите и на функцијата на мозокот.
Од Medical News Today побараа коментар за наодите и од д-р David I. Geffen, директор на оптометрискиот сервис при Gordon Schanzlin New Vision Institute, Калиформија, кој предупреди: Кога го исфрламе нашиот деноноќен ритам, нашите тела може да реагираат на различни начини, вклучително и замор, главоболки и дигестивни проблеми. Пројавените врски помеѓу ноќната светлина и хроничните болести ја покажуваат важноста од намалување на оваа изложеност. Едноставните чекори што треба да се преземат вклучуваат: користење маски за очи, ограничување на времето поминато пред екранот пред спиење, како и одржување на конзистентен распоред за спиење за поддршка на природниот ритам на телото, заклучува д-р Geffen./М.М.