
Биолошки активен комплекс што се користел за лекување изгореници – денес се користи во серуми и креми за подобра еластичност, сјај и обновување на кожата.
Во светот на естетската дерматологија, нова и сè попопуларна состојка го привлекува вниманието на стручната и на пошироката јавност – се работи за Полидезоксирибонуклеотид (PDRN), биолошки активна супстанца добиена од машки репродуктивни клетки на лососот. Иако на прв поглед звучи необично, дерматолозите уверуваат дека PDRN носи значајни придобивки за кожата – од подмладување и подобрување на текстурата до заздравување и намалување на воспаленија.
Според д-р Ксенија Кобец (Ksenia Kobets), директорка за козметичка дерматологија во Montefiore Einstein Advanced Care, PDRN има изразено антиинфламаторно, регенеративно и колаген-стимулирачко дејство. Супстанцата првично се користела во третман на изгореници и рани, а денес се применува сè почесто и во естетски цели – особено кај кожа која старее или е ослабена поради надворешни влијанија.
PDRN делува така што, при апсорпција ги активира клеточните процеси што го стимулираат обновувањето на ткивото, ја зголемуваат еластичноста и ја прават кожата посјајна и поздрава. Ефектот се забележува по неколку недели редовна употреба или уште побрзо кога се комбинира со естетски третмани, како микрободликање или ласер.
Примената на PDRN започна со инјекциски формулации во Јужна Кореја, но во САД и Европа веќе се развиваат и локални (топикални) серуми и креми со оваа состојка. Според дерматологот д-р Сами Калифиан (Saami Khalifian), кога кожата ја апсорбира оваа ДНК, се активираат клеточни процеси кои ја подобруваат текстурата, ја засилуваат хидратацијата и ја прават кожата поеластична и отпорна.
Меѓу најпознатите брендови што користат PDRN е Rejuran, чиј серум комбинира фрагменти од ДНК од лосос со ретинол за мазнење на кожата, додека брендовите како Iope, Innisfree и Medicube развиваат и вегански формулации базирани на растителен PDRN добиен од зелен чај или женшен.
Д-р Сами Калифиан од SOM Aesthetics за ELLE објаснува дека, иако некои производи прикажуваат висока концентрација на PDRN (на пример, 10.000 PPM или 1%), квалитетот и начинот на екстракција се далеку поважни од процентите. Препорачува и потрошувачите да се држат до брендови со транспарентна формулација и клинички поддржани резултати.
Она што ја прави оваа состојка посебна е нејзината широка применливост и одлична подносливост. Се користи кај кожа со акни, хиперпигментации, па дури и мелазма. Експертите предупредуваат само на внимателна употреба кога се комбинира со други активни супстанции, како ретинол или киселини, за да се избегне иритација./M.M.