Големо задоволство е да се доживее второ издание на нешто што си го работел порано, овој пат во подобра верзија. Тогаш беше на ЦД, сега е на винил, повторно се винилите во мода – на мое големо задоволство, изјави на прес-конференцијата Влатко Стефановски, по повод претстојните концерти во Скопје со Мирослав Тадиќ и јубилејот – одбележувањето на 20 години од издавањето на албумот „Трета мајка”.
Дваесет години подоцна, кругот повторно се затвора за „Трета мајка“- за едно од највредните албумски изданија во македонската дискографија, рече, организаторот Бобан Милошески од „Авалон“, во пресрет на двата концерта на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ што викедов ќе бидат одржани во Македонска филхармонија.
„Винилите се повторно во мода, на мое големо задоволство, и на задоволство на повеќето дискофили, рече гитарскиот виртуоз Стефановски на промоцијата на реизданието на заедничкиот албум со српскиот гитарист Мирослав Тадиќ и бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов. Мирослав Тадиќ ќе допатува во Скопје од САД, каде што живее, но не и Теодосиј Спасов кој, поради претходно договрени обврски во Турција, нема да може да дојде на скопските концерти.
Секој концерт со Мирослав претставува мал празник на музиката. Тоа е така затоа што ретко се гледаме – Мирослав живее во Лос Анџелес, каде што е професор и шеф на катедра за гитара на престижната школа „Калифорнија институт оф артс“. Ние функционираме на некој чуден начин – без многу вербална комуникација и без многу вежбање“, истакна Стефановски.


„Кога го пуштив овој винил на грамофон, ми дојде една таква тага и носталгија што имав потреба да се расплачам. Ми звучеше толку мирно, питомо и нерасипано, иако овој албум е снимен во 2004, а тоа не беа некои мирни години. Дружбата која ја имавме со Тадиќ и Спасов имаше некоја возвишена димензија, истакна Стефановски.
„Трета мајка“ содржи десет композиции кои се инструментални верзии на македонски и на една турска народна песна .
Тој вели дека за разлика од 70-те години кога можело да се живее од дискографија, кога се продавале тиражи од 30.000 до 50.000 примероци, сега изданијата се прават повеќе како сувенир, како споменар, отколку како комерцијален прозивод. Денес концертите се комерцијален производ кои следуваат по успешен албум. Винилното издание, наведува има повеќе трошоци отколку заработка, но звучи подобро. Сигурен сум дека се уште е дигиталната технологија млада за да постигне квалитетен звук што има плоча, вели Стефановски.
Стефановски во моментов работи на неговиот нов албум со неговиот бенд за кој веќе се подготвени 10 песни од кои е многу задоволен и го најавува за во текот на есента во издание на Кроација рекордс. Тоа ќе биде вели и одбележување на неговиот јубилеј 50 години на сцената./М.М.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.