
Како дел од своите активности посветени на младите, Здружението за едукација и мобилност „ЛОЕСЈЕ“ – Битола организира интерактивна работилница под наслов „Помеѓу мене и тебе“, која ќе се одржи на 5 мај 2025 година во 17 часот, во просториите на „Нетавил“ во Скопје. Работилницата е наменета за млади кои сакаат подлабоко да истражат што се случува во просторот помеѓу зборовите, емоциите и меѓучовечките односи, а ќе се реализира во соработка со психологинките м-р Елена Џебр и Бојана Петровска од платформата „Мој психолог“.
Во соопштението од Здружението наведуваат дека во првиот дел од работилницата ќе се посветат на емоциите и целата нивна комплексност и значење во секојдневието и релациите. „Потоа ќе продолжиме за личните граници, каде искуствено ќе му дадеме значение на она што го носи и доживува нашето тело. Ќе завршиме со романтичните врски и ќе научиме многу важни работи кои се случуваат „помеѓу“. Ќе се дружиме, ќе се смееме, ќе си поставиме прашања и можеби ќе си заминеш со повеќе одговори за себе“, наведоа од „ ЛОЕСЈЕ“ – Битола.
Пријавувањето за учество е отворено до 4-ти мај 2025 на следниот линк: https://forms.gle/b19p94J4C5oVEijy9. Бројот на учесници е ограничен.
Работилницата е дел од стратешкото партнерство со организации од Германија, Словенија и Северна Македонија, а се реализира со поддршка од Еразмус+ програмата на германската национална агенција „Jugend für Europa“.
„ЛОЕСЈЕ“ Битола со години ги отвара ваквите теми низ методите на креативно пишување и искуствено учење, како дел од меѓународната мрежа „LOESJE“, присутна во над 30 земји.