На денешната конференција за медиумите на МФФ Киненова беа претставени Бранислав Лечиќ, годинешен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност и Асемина Проедроу, режисерката на филмот „Зад стоговите сено“, со кој ќе биде отворено годинешното 8. издание на Фестивалот.
Заблагодарувајќи се на доделеното признание, Лечиќ рече дека за него се важни сите награди.
-Се разбира, сум добил бројни награди и на меѓународен план и регионално и во сферата на театарската и во филмската работа. Две награди ми се мошне драги, а тоа е оваа која вие сега ми ја давате – затоа што тоа на некој начин е собирање на улогите на филмот и претставува еден вид затворање на кругот. Драга ми е уште една награда што ја добив во Дубровник, тоа е „Орландо“ што се доделува за најдобро остварување во последните десет години. Ова е важно бидејќи докажува дека културата на овие простори може да ги надмине сите бариери, истакна Лечиќ.
Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks), дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, утревечер ќе го отвори 8. издание на МФФ Киненова. Денеска на средбата со новинарите присуствуваше режисерката Проедроу и претставници на „Сектор филм“ кои споделија искуства од снимањето и успесите на филмот.
-Филмот се снимаше во време на ковид пандемијата и имаше повеќе предизвици. Соработката беше одлична и благодарение на тоа успеавме, бидејќи снимавме на три различни територии и во две држави – во Грција и Македонија. Дојранското езеро е всушност главната локација на која се одвива дејствието. Филмот се снимаше во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021 година. Дејствието на филмот се одвива во 2015, а се работи за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Македонија. Беше поддржан како малцинска копродукција од Агенцијата за филм на Македонија и од Европскиот фонд Еуримаж. Станува збор за тоа како обични луѓе стануваат заробени во корупција, раскажа Асимина Проедроу, која откри дека Дојран како локација првин го видела на Гугл, откако и било посочено како интересно место за време на нејзиниот престој во Лондон, на магистерските студии.
„Зад стоговите сено“ доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија. Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди: за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.
Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија. Македонски продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска./M.M.