В недела, на шести октомври, во Скопје ќе биде одржан јубилејниот 20-ти Виз Ер Скопски маратон. Се очекува на стартот да се појават 13.440 натпреварувачи од 55 земји од целиот свет.
Освен маратонот и годинава ќе се трчаат полумаратонот (21,097 км), штафетниот маратон и трката за рекреативци на пет километри, која вообичаено е најмасовна.
Оваа година имаме рекорден број учесници – 13.440 од 55 земји, со што е надминат бројот од 2019 година, кога беа 12.450 учесници. Ова е многу поголем број од лани, кога трчаа 11.400 учесници и нѐ радува што интересот е огромен, како кај нашите тркачи, така и кај странските. Можам да најавам дека ќе учествуваат неколкумина елитни натпреварувачи од Кенија и се надевам дека ќе бидат срушени рекордите на патеките, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски маратон на пригодната конференција за медиумите.
Освен рекреативниот карактер на манифестацијата, со текот на годините се натпреваруваа и врвни маратонци, а имавме дури и учесник на Олимписките игри во маратонската дисциплина, истакна Гордана Николовска – Кузмановска од Сојуз на Спортови – Скопје. Се радува и што имамат голема поддршка од медиумите, а дури 60 проценти од спорстките новинари биле директни учесници во маратонските и полумаратонските трки. Посакувам и оваа година да видиме што поголем број новинари на стартот на трките. Исто така, ги повикувам сите оние што не се во можност да трчаат годинава, да се појават долж патеката и да ги бодрат натпреварувачите, истакна Гордана Николовска – Кузмановска.
Главен покровител на Виз Ер Скопски маратон 2024 е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.