Дениција е првиот часовник од специјалната едиција „Своч на Кирилица“, која Божиновски ја реализира по повод триесет годишнината од независноста. Сите часовници кои ќе бидат издадени ќе имаат колекционерска вредност и ќе бидат достапни во ограничена, симболична количина од 30 парчиња. Продажбата ќе се одвива преку аукција, на 16.декември 2021 година, а собраните средства од наддавањето ќе се употребат за формирање на фондација која ќе стипендира млади креативци од Македонија.
Честа да го изработи првиот Swatch на кирилица ја доби познатиот македонски графички дизајнер и сликар Зоран Кардула. Инспириран од неговата позната едиција “Жени” креираше уникатен дизајн преку кој на часовникот симболично ја отслика убавината и пркоста на нашата земја.
Своч на кирилица е Проект кој има за цел да ја обедини креативноста во Македонија и заедно со уметниците, илустраторите и дизајнерите, да ја креира првата Swatch колекција на часовници дизајнирани од македонски автори.
“Македонски Своч е идеја која произлезе од 30 годишениот јубилеј од независноста на Македонија вкрстен со новите технолошки можности развиени во процесот на производство на часовниците Swatch, се вели на сајтот посветен на проектот на Божиновски: https://swatchnakirilica.mk/
Поведени од силно чувство на патриотизам и гордоста од успешноста на 22 годишната соработката на Божиновски часовници и накит со гигантот во часовничарската индустрија- Swatch, се охрабривме да посакаме, да отсонуваме една толку извонредно храбра идеја, идеја која ќе ги спои нашите креативци и швајцарската прецизна механика.
Идејата не е нова, Своч отсекогаш ги спојувал светски познатите креативци при дизајнирање на специјални едиции, но никогаш досега никој не се охрабрил да создаде национална платформа каде на долги патеки ќе охрабрува, поттикнува и афирмира млади креативци во локални рамки.
Зошто Дениција?
Пред се бидејќи тоа име асоцира на Изгрејсонце кое е длабоко тетовирано во душата на секој Македонец и е поврзано со надежта за еден нов, поинаков светол ден,
На ѕвездата водилка – Деница која секогаш ни го покажува вистинскиот правец,
И секако на Петре М. Андреевски со својата стихозбирка во која зборува за својата најголема љубов, љубов за која вреди да се умре.
На мистичноста на неговата љубов, бидејќи никој не може да каже дали е тоа љубов кон жена или татковина”./М.М.