По двете рекордни продажби во текот на минатата година, интересот на глобалниот пазар се префрла кон други лични примероци на легендарната актерка и пејачка, додека и останатите Hermès Birkin модели продолжуваат да постигнуваат високи цени
По ланските рекордни продажби на оригиналниот Hermès Birkin, во Париз, за 10,1 милиони долари, и на Le Birkin Voyageur, во Абу Даби, за 2,8 милиони долари, драматично се зголемува интересот за останатите Hermès чанти на британската актерка и пејачка Џејн Биркн. Колекционери, дилери и познавачи на луксузни аксесоари ја следат секоја нова понуда на овие уникатни примероци, а според најновите информации, со нескриена возбуда ја чекаат најавената аукција на уште една лична чанта на актерката.
Историјата на продажбите на личните Hermès Birkin чанти ја потврдува нивната огромна колекционерска вредност. Оригиналниот Hermès Birkin, со цена од 10,1 милиони долари, поставуви светски рекорд како најскапа чанта некогаш продадена на аукција. Во декември лани, моделот Le Birkin Voyageur, продаден за 2,8 милиони долари, стана втор најскап Birkin модел во историјата на аукциите.
Hermès чантите со потпис на познати личности и натаму привлекуваат внимание на меѓународните колекционерски сцени, а нивната продажба потврдува дека се многу повеќе од модни аксесоари.
Апсолутен рекордер меѓу нив се Himalaya Birkin чантите, изработени од Niloticus крокодилска кожа, со украси од бело злато и дијаманти, кои на повеќе аукции во Хонгконг и Њујорк се продавани по цени од 400.000 до над 450.000 американски долари. Овој модел се смета за најскапиот Birkin што не е поврзан со личниот архив на Џејн Биркин.
Високи цени постигнуваат и Birkin Faubourg моделите, инспирирани од фасадата на париската продавница на Hermès, кои на аукции во последните години постигнуваат цени од 160.000 до 300.000 долари, зависно од серијата и состојбата. Birkin чанти со дијаманти, но без Himalaya спецификацијата, редовно се продаваат по цени од 70.000 до 200.000 долари.
Моделите изработени од егзотични кожи, најчесто постигнуваат цени меѓу 75.000 и 120.000 долари, додека поретки серии со металик или омбре ефект можат да ја надминат таа граница. И покрај тоа, овие суми остануваат далеку под цените што ги постигнаа чантите кои Џејн Биркин лично ги носела и користела, а кои денес се третираат како културно наследство, а не само како инвестиција или моден предмет.
Слики: Hermes
















