Утревечер, први декември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојна изложба „Демократии / Реализам“ на реномираниот полски уметник Артур Жмијевски, еден од најзначајните европски уметници од неговата генерација.
Изложбата ја организира Музејот на современата уметност – Скопје во соработка со уметникот и Галеријата и фондација „Фоксал“ од Варшава.
На изложбата ќе бидат претставени две видео инсталации, кои се составени од селекција на филмови од неговите капитални дела, инсталациите „Демократии“ ( 2009-2012) и „Реализам“ (2017).
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео.
Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година.
Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен…
Ова е првата самостојна изложба на Жмијевски во Скопје, а по неговото учество во рамките на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ која беше отворена во декември 2019 година во МСУ-Скопје, каде што во друштво на најзначајните светски уметници, тој се претстави со своето видео дело „На отворено“.
Освен видео инсталациите, во рамки на изложбата ќе биде издадена и двојазична публикација, во која, покрај осврт кон дела на изложбата, најпосле ќе биде објавен и превод на македонски јазик на култниот текст на Жмијевски, „Применета општествена уметност“ (2007). Како негов манифест, овој текст во последната деценија има извршено силно влијание врз разбирањето на ангажираноста и општествената улога на уметноста и е преведен на повеќе светски јазици. Во текот на времетраењето на изложбата ќе бидат организирани и отворени читачки групи во кои ќе се анализира и ќе се дискутира содржината на овој значаен текст.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Отворањето ќе се одржи со почитување на препораките за заштита од Ковид-19.
Изложбата ќе биде отворена до 30 март 2022 година.