Ако сакате да ја изненадите вашата фамилија или пријатели со нешто ново, но со познати и омилени состојки, овој рецепт е идеален избор. Денеска направив варијанта од микс на Македонска и Грузиска кујна. Од македонската пастрмајлија го земав тестото и месото, а формата и витките ги полнев со кашкавал како грузиски хачапури. Јас ги правев со свинско месо, но може да се подготват и со месо по желба.
За тестото за четири пастрмајлии/хачапури потребни се следниве состојки:
- 600 гр. брашно,
- 250 мл. вода млака,
- мала лажица шеќер,
- две големи лажици маслиново масло,
- две мали лажички сол,
- половина пакување квасец.
Други состојки:
- 600 грама месо сечкано на коцки (претходно маринирано со сол, црвен пипер и масло),
- 400 грама рендан ајдемер,
- 4 јајца.
Подготовка:
Се мешаат квасецот, 50 мл. млака вода, лажица брашно и шеќерот, се оставаат квасецот да се активира. Потоа во брашно се додава квасецот, маслиново масло, сол и водата, па се замесува меко тесто. Кога убаво ќе се измести тестотот се покрива со крпа и се остава 15 минути да стаса. Тестото се дели на четири еднакви дела, за од нив да се направат топчиња кои се оставаат еден час, покриени со растеглива фолија, за да стасаат и да се зголемат. На набрашнета површина се става едно топче тесто, без да се премесува. Со сукало се развива кора во правоаголна форма. Потоа на двата краја се става ¼ рендан ајдемер, се затвараат краевите за ајдемерот да остане внатре во витката, на крајот се спојуваат двете витки и се вртат меѓу себе да се заврши, па се формираат хачапурите, се ставаат во тава на хартија за печење. Во средината на секоја се става ¼ од месото и се ставаат да се печат на хартија во загреана рерна на 250 Ц. Откако ќе зарумени месото после 10 -15 минути, се додаваат изматени јајца на секоја пастрмајлија по едно јајце и се враќаат уште 5 минути да се допечат, убаво да зарумени тестото и јајцето да се запече. Се служат топли.
На здравје!