Со цел македонската јавност да се запознае со македонската мода и традиција низ вековите, создаден е проект поддржан од Министерството за култура, со кој треба сите да се едуцираат за етапите на творештвото, започнувајќи од македонските носии и на останатите националности кои денес живеат кај нас.
На настанот се обратија професорката Лидија Георгиева од Технолошки-металорушкиот Факултет и Борче Димитровски, Потпретседател на КУД Илинден. Свое излагање преку видеа со презентирање на моделите и инспирација од одредени декади имаа сегашни и дипломирани студенти при ТМФ. Претставен е и гардероберот на КУД Илинден со градските и селските носии во минатото.
Од голема важност за секое општество е со особена грижа и внимание да го зачува своето наследство, а кај нас тоа се народните носии, бидејќи преставуваат важен дел од нашата историја и идентитетот.
Нашата модна сцена во моментов е во фаза на продуцирање на голем број дизајнери и на некои од нив им претстои интересна иднина, доколку се воспостави релација помеѓу креативните сили и индустриските капацитети. Без тоа, се ќе остане само на ниво на независни дизајнери кои произведуваат интерсни креации во мал обем. Тоа од една страна е добро, затоа што на земјата и треба независна модна сцена, но исто така и треба и успешен локален бренд, на индустриско ниво, рече професорката Георгиева.
За Димитровски македонските носии се грижливо чувана модна традиција која го отсликува секој период и општествените промени во земјава. Во нашиот фонд на носии имаме оригинални купувани од терен, и реплики изработени од природни материјали. Грижата за нив е специфична а одржувањето тешко.
Носиите се значајни за соодветна и автентична презентација на богатиот репертоар кој го има нашиот ансамбл, а се состои од сценски адаптации, обичаи и стилизации најмногу на накитот бидејќи е навистина тешко да се најде на овие простори, но и на самите носии. На пример машките носии задолжително имаат волнен појас кој денеска е заменет со ремен, вели Димитровски.