Нова Стивенс е новата Мис на Универзум Канада – и – Мис на една нова Канада. Имено, годинава, победничката круна ја доби застапничката за борба против расизмот, со порака : „Сакам да видите боја – затоа што гледањето боја не значи дека сте расист. Наместо тоа, ви овозможува да ги видите борбите што ги доживуваат луѓето со боја„ – рече Стивенс по прогласувањето за Мис. Нова има 27 години, модел е, актерка и активист. Нова Стивенс ќе ја претставува Канада на меѓународниот избор за Мис Универзум.
Динамична, издржлива, упорна и полна со живот – така би ја опишале Нова оние што добро го познаваат.
Нова за себе ќе каже дека ја носат голема сила и верба со кои би сакала да промени многу нешта.
Откако нејзиното семејство избегало од бруталната граѓанска војна во Јужен Судан, Нова сама е испратена во Канада на шестгодишна возраст, за да добие можност за подобар живот. Оставајќи ја својата мајка во камп на ООН во Јужен Судан и таткото, браќата и сестрите во Етиопија, Нова на својата шанса за нов живот во Канада гледа како на постојано движење кон две цели – кон само изградување и кон повторно обединување на своето семејство. Како Мис Универзум Канада 2020, таа сака титулата да и помогне да ги оствари овие цели.
Школувана низ повеќе лидерски програми Нова денес е активист на Black Lives Matter, а работи и како актерка и интернационален модел. Харизмата на Нова и донесе уште еден општествен ангажман – таа е портпарол на здружението Freedom March на Ванкувер. Мисијата на ова здружение, како и на Black freedom society’ е да се искорени омразата и расизмот што ги доживуваат црните луѓе во светот денес.
Новата Мис Универзум Канада ја истакнува важноста на избалансиран и здрав начин на живот за одржување на менталното и на физичкото здравје. Секогаш се истакнувала во спортот, а во средното училиште и се има натпреварувано во одбојка, атлетика и кошарка. Денес одржува активен животен стил и останува фокусирана на своите цели. Тие се големи колку и нејзината личност.