Уникатната карактеристика на колекцијата на Alexander McQueen – Resort 2025 е инкорпорирањето на уметноста во дизајнот. Принтот, заснован на портретот на Velazquez на папата Innocent X, украсува различни парчиња, сугерирајќи дијалог помеѓу историската уметност и современата мода.


Колекцијата е и своевидно отстапување од понекогаш и гротескната театралност на брендот. Иако ја носи естетиката на McQueen, порелаксирана е и со видлив допир на панкот. Имено, креативниот директор Sean McGirr за колекцијата црпи инспирација од аристократската историја на брендот, поврзувајќи ја со панк сензибилитетот. Оваа дихотомија се гледа во кроењето и во конструкцијата на изгледите, преобмислени со младешки, андроген дух.


Не случајно Alexander McQueen Resort 2025 колекцијата е снимена во историската куќа Хетфилд, во Англија. Поврзана е со англиските училишни униформи, кои служат како основен елемент, деконструирани и реконструирани, за да создадат издолжени силуети, со преголеми пропорции и неочекувани детали.


Колекцијата Alexander McQueen Resort 2025 е со идеја да го позиционира брендот за поширока публика, одржувајќи ја истовремено својата ДНК. Акцентот на парчињата што се носат без да се компромитира иновативноста во дизајнот, стратешки е потег што се усогласува со развојот на модниот пејзаж./М.М.

More in:Мода

You may also like

Comments are closed.