На 30 септември, на повеќе локации низ Скопке, ќе биде одржана 19-та по ред културна манифестација „Бела ноќ“. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, перформанси и поетски читања .
Централната манифестација ќе биде одржана на просторот пред „Порта Македонија“, кадешто скопјани ќе имаат можност да уживаат во композициите на маестро Кире Костов, во изведба на Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од Биг Бенд оркестарот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, проследени со специјално визуелно шоу со 3D мапинг на самата порта. Претходница ќе биде рок концертот на музичкото училиште „Ентерпрајз“.
Првото издание на „Октомвриски музички поход“ ќе биде кај „Школка“, во градскиот парк. Ќе настапат: група Педро Хоризонте, Стефан Петановски Бенд, Занаду Бенд, Димиш Бенд и диџеите: Раста Грл, Чарли и Јаска.
Во ГТЦ ќе може да се види изложбата „Игри и мечтаења“, од Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во Факултетот за Драмски уметности ќе можат да се проследат повеќе театарски престави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“ ќе бидат изведени традиционални македонски ора, од повеќе културно-уметнички друштва.
Во Кинотека на Македонија ќе можат да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, во Галерија Остен ќе биде поставена изложбата „Право на јавни простори“, од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет Американ Колеџ. Во „Капан Ан“ ќе биде прикажан проектот „Никеја“, со Славе Димитров и Весна Ѓиновска Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ ќе биде поставена изложбата „Култура во кутија, на културното јадро Доминиум.
Во ноќниот клуб PURE ќе биде одржан Skopje Fashion festival , на кој ќе се претстават модните дизајнери: Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, како и Бошко и Цеце Т.
Програмата ја збогатуваат и културните институции Културно Информативен Центар – Скопје, Детски културен центар „Карпош“, Музеј на Град Скопје, Музеј на современа уметност, Библиотека „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар. Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите.
Програмата на годинешното издание на „Бела ноќ” може да се види на следниов линк: www.univerzalna.com.mk/belanok.
Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје и е дел од културната понуда на Град Скопје, како Европска престолнина на културата 2028.