
Како мото на овој фестивал, организаторите искористија дел од песната „Последната битка“ на Попов/ПМГ Колектив, во која се вели „и да се опстане е победа“.
На први март, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи 13-то по ред издание на ФЕСТИВАЛОТ ЗЕМЈОТРЕС, единствена музичка платформа во земјава, која ја претставува најновата музика на македонската алтернативна сцена, на талентирани автори и музичари.
Уникатен во концептот, како целовечерен настан од голем обем, фестивалот нуди разновидна и богата програма. Во фокус ги става младите и надоаѓачки таленти, овозможувајќи простор и за веќе докажани музичари да претстават дел од својата најнова продукција.
Годинава фестивалот ќе понуди извонредна музичка програма на 20 музички изведувачи (бендови, соло музичари, продуценти и диџеи на електронска музика) на 3 сцени (сала 25 мај, фоајето на кино Фросина и МКЦ клуб). Единствен простор во градот кој може да вдоми во текот на една вечер 9-часовна музичка програма и прекрасна градска публика од безмалку две илјади посетители.
Од младата генерација ќе се претстават: Tsar Von Time (Битола), Nikartik (Штип), Елена Васова (Скопје), Љубен Дерибан ака L.O.V.D (Скопје), LV$T (Скопје), Lost in Reverie (Скопје), Мартина Пенева (Скопје), Ruststained (Скопје)и Анастазија Голчева ака Speysd (Скопје).
Со неколку изданија зад себе, веќе добро познати на публиката ќе настапат и Martix (Кочани), Grinsen (Скопје) и Fiction (Скопје). Тука се и ветераните на алтернативниот инди психоделичен рок Д.Н.О. (Скопје) кои ќе се претстават со нов албум. Помеѓу веќе признаените музичари, програмата ќе ја надополнат и џез составите Светлост и триото АУМ од Скопје. За првпат на Земјотрес ќе настапи музичко-поетскиот проект на Оливер Митковски и Адреја Салпе Поетроника (Скопје), чии настап во живо е музичко-прозно-визуелно доживување. Тука се и добро познатите YÖU (Скопје) со посебен израз на емо, панк и хард кор.
Помеѓу претставниците на електронскиот звук ќе настапат и Виктор Апо и енергичните Петков и Мораитов од ОВЦ колективот со „back to back“ сет од Скопје. И секако Нема Лабаво (Скопје) уште еден состав на музички ветерани, кои претходно членувале во бројни панк-рок состави, овој пат, водени од лидерот на бендот на Ѓоко Зафировски – Sean.
Кор тимот, кој стои зад ова издание на фестивалот се: Филип Тасевски, Виолета Качакова и Тејка Васиљевиќ.
Земјотрес го започнавме пред 13 години заедно со Мирко Попов и во контекст на условите во кои функционира инди културата, за нас секое ново издание и континуитет значи успех, вели Тасевски. Затоа со голема љубов, ова издание му го посветуваме на Мирко, како човек кој неуморно работеше да создава нови простори за поддршка на домашната музичка сцена.
Како мото на овој фестивал, организаторите искористија дел од песната „Последната битка“ на Попов/ПМГ Колектив, во која се вели „и да се опстане е победа“.
Поривот за творење во состојба на релативна препознаеност во јавниот дискурс и речиси непостоечка поддршка во процесот на продукција и издавање на музика, е победа, вели Качакова. Постоењето на овој фестивал веќе 13 години е резултат на оваа вибрантна сцена, која публиката ја препознава и почитува и доаѓа да ја поддржи секоја година.
Иако кор тимот е составен од тројца, самата реализација подразбира вложување на уште 20-тина луѓе, вклучени во координацијата, техничката поддршка и промоцијата на фестивалот, како и грижа за негова безбедна реализација, вели Васиљевиќ. Тимски работиме и со изведувачите на фестивалот, кои придонесуваат секоја година да имаме квалитетна музичка програма. Сите заедно сме дел од инди авантурата и предизвикот да реализираме уште едно успешно издание.
Загревањето во пресрет на фестивалот ќе се случи на 22 февруари во ноќниот клуб „Минус Еден“, кадешто со диџеј сет ќе настапат најмладите надежи Мик и Петел Јаваше. Влезот е бесплатен, а настанот почнува во 21 часот.
Билетите по пристапна цена за целовечерна програма од 20 изведувачи изнесува 500 денари, односно 600 денари, на денот на настанот. Билетите се достапни онлајн на bileti.mkc.mk или на билетарата на МКЦ. Програмата започнува во 21 часот и ќе трае од 04 часот по полноќ.