Моника Димова

Monika Dimova е Luxury Ready-to-Wear бренд, со седиште во Милано, Италија, основан во 2019 година. Брендот го носи името на својот креативен директор и моден дизајнер – Monika Dimova. Со диплома на еден од најпрестижните факултети за моден дизајн во Италија – Иститутот Марангони, со сопствен бренд во кој се вложува и гради себе си и своето модно кредо, Моника Димова денес е млад , талентиран и амбициозен моден дизајнер од кој треба многу да се очекува.  

Ја запрашавме за нејзиниот елегантен, префинет и деликатен стил во дизајнот, за инспрацијата од старите модни филмови за кои таа има ново, современо читање, како и за модната стварност во која постојат бројни предизвици но, како што вели самата – и победи – доколку се работи упорно, истрајно и посветено.

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Заради сето што се случуваше на светот минатата година многу од бизнисите, меѓу кои и модниот поминуваа, па и сеуште поминуваат период на сериозни преиспитувања и барања. Како сето влијаеше и врз вашето работење?

Изминатиот период беше и сеуште е предизвикувачки за многумина. Бизнисите во модниот свет како мојот, па и другите бизниси во светски рамки, претрпеа огромни економски загуби. Еве на пример еден познат светски бренд – Ralph & Russo стави клуч на својата врата и секако тоа е поврзано во поголем дел со пандемијата. Но како што кажав, ова е предизвик и ние не се откажуваме, всушност, извлековме поука во изминатиот период и уште посилни чекориме напред. 

Дали во овие новонастанати услови може да опстоји професијата дизајнер во Македонија и колку луѓето лани се решаваа да купуваат дизајнерски парчиња?

Јас одсекогаш сум била голем верник дека во Македонија, па и во останатиот дел од светот, има место за секој и за сечиј вкус. Верувам дека и покрај новонастанатите услови, со труд, дисциплина, работа и љубов кон тоа што го работиме, секој може да успее. Изминатата година, во споредба со претходните години, луѓето имаа помалку прилики за да облечат елегантни дизајнерски парчиња но, веќе во последните месеци, се чувствува еуфоријата и желбата за живот а со тоа и посветеноста на самите себе што значи, купување на убави парчиња облека.

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Кога сме кај дизајнот – можеме ли да се навратиме на вашите почетоци, на поривот за создавање, премрeжјата, она што ве одржало низ годините?

Првиот допир со вистинската мода беше кога се запишав на студии во Милано, на еден од најпрестижните факултети за моден дизајн во Италија – Иститутот Марангони. Нормално кога некој заминува во странство на таа возраст и се наоѓа сам, се соочува со низа потешкотии. Осаменоста, снаоѓањето во ново место и со ново опкружување и ткн. Но желбата за да успеам во животот и да ги остварам моите соништа ме водеше и сеуште ме води напред. Јас не сум човек кој се откажува лесно и за среќа за кратко време стекнав многу пријатели и колеги. Можам да кажам дека Милано стана мојот втор дом.

Она што ме одржува во сите овие години е преголемата желба и љубов кон дизајнот како и создавањето на уникатни, префинети и елегантни парчиња облека кои жените ги обожаваат. Сето тоа е мое големо задоволство бидејќи јас творам за тие да се чувствуваат женствено и убаво.

Како би се опишале себе си – вашиот стил, водечката инспирација за создавањето, највпечатливиот момент, лично чуство на успех?

Мојот стил е елегантен, префинет, женствен и деликатен. Сето тоа го преточувам во моите дизајни а, моите дизајни се мое лично огледало.

Ако ме прашувате за мојот највпечатлив момент и лично чувство на успех, би го издвоила моментот кога после долготрајното создавање на дизајните, односно на колекцијата, што почнува со обичен лист хартија и молив, ќе го видам сето тоа спакувано и готово. А да додадам дека уште поголемо задоволство е кога ќе го видите вашиот дизајн облечен на ваш клиент кој зрачи со задоволство.

Моника Димова

Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот, како таму се работи – има ли разлики во пазарот?

Секако дека има разлики во пазарот. Македонија е мала држава и тоа резултира да има помал процент на луѓе кои купуваат дизајнерски парчиња но, сепак, морам да кажам дека многумина од жените во Македонија ги следат светските трендови и се во тек со најновите модни случувања.

Дизајнер во Македонија и дизајнер во големиот свет – може ли да се направи паралела?

Јас не би го употребила зборот паралела. Мое мислење е дека доколку еден моден дизајнер има талент и соодветни вештини, не е важно каде се наоѓа на земјината топка. Неговиот талент, истрајност и работа ќе му пресудат за неговиот успех. Посебно со денешната модерна технологија кога цел свет ни е на дланка, можностите се неограничени.

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив. Кои се вашите за годинава?

Верувам дека не треба да го чекаме правиот момент за остварување на нашите соништа, правиот момент треба да го создадеме ние самите. Од моите соништа за годинава би издвоила успех на мојот бренд на интернационално ниво и да видам позната личност облечена во моите дизајни./M.M.

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Monika Dimova – Luxury Ready-to-Wear

Моника Димова е на: www.monikadimova.com, ФБ страна – Monika Dimova, Инстаграм – @monikadimovaofficialс

You may also like

Comments are closed.