МоделиМоден мозаик

Матеј Костовски, модел: Потребна е поддршка и промоција на македонската дизајнерска мода

Матеј Костовски, модел, но и редовен студентот на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, што редовно вежба во фитнес центар, планинари, скија, чита и повремено готви интересни јадења, по сопствен рецепт, веќе две гдини е дел од агенцијата ModelsIn. – Според Матеј, обврските кон моделингот се исти без разлика каде и да се работи: упорност и посветеност на работата, самодисциплина, работа врз себеси, заради исполнување на критериумите за добар модел и, секако, почитување на договорот склучен со модната агенција. – Би сакал да соработува со модни агенции од четирите светски модни центри – Милано, Париз, Њујорк и Токио, бидејќи моделот е толку добар колку што е агенцијата позади него – токму затоа, вели Матеј, се зачленив во ModelsIn, бидејќи се први и дефинитивно најдобри во Македонија.

ММ: Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот и што би било карактеристично за регионалниот моден простор? 

Модната сцена во Македонија е мала, но со години се развива, надоградува и напреднува. Според мое мислење, има малку модни случувања во земјата, недоволен број на новинари кои се модно едуцирани, недоволно промоција на модните дизајнери и недоволно маркетинг кампањи. Македонските дизајнери се во постојана „борба“ со комерцијалните производители на модните парчиња, но проблем претставува и менталитетот на домашните купувачи кои, сеуште, во своите гардероби имаат масовно произведени комерцијални брендови. Кај македонскиот купувач сеуште е присутен трендот да се купи евтина стока што се носи од надвор. Со чесни исклучоци, постојат и купувачи кои одбираат да облечат нешто македонско, уникатно, да одберат дизајнерско парче. Доколку се споредат цените на тоа дизајнерско парче со комерцијалниот бренд може да се види дека нема голема разлика, а се добива уникат.

Овие карактеристики можеме да ги видиме и во останатите земји во регионот, со тоа што, повеќе или помалку, на едуцираноста за модата на купувачите влијае и големината на модниот пазар, близината на европските земји и можноста за купување на дизајнерски парчиња во европските модни центри.

За промоција на македонската дизајнерска мода можеби би било пожелно да се обезбеди поголема медиумска покриеност особено во овој период на пандемија како и можност за отворање на Show Room во повеќе градови, каде познати и помалку познати дизајнери од земјава би имале директен контакт со заинтересирани купувачи или производители од земјава и од странство. Тука би можеле да се склучат договори за продажба на креации, како во земјата така и надвор од границите на државата. Исто така, сметам дека би било убаво да се обезбеди и поддршка на дизајнерите – да имаат каталог со своите креации за секоја колекција, како и да се овозможи поширока едукација на населението за модата и финансиска поддршка од државата за сето тоа.

ММ: Колку се смени животот откако ја започнавте кариерата на модел?

Промените во личниот живот откако започнав како модел беа позитивни во насока на издвојување во средината во која се движам, зголемување на бројот на пријатели и запознавање на нови луѓе од модната бранша. Отсекогаш сум бил позитивно настроен кон запознавање нови луѓе и ширење познанства, што многу ми помогна во сферата на моделингот, особено кога ќе се земе во обзир фактот  дека моделот мора да е способен да му покаже на дизајнерот дека тој е токму тоа што го бара.

ММ: Со што се занимавате покрај моделингот? 

Јас сум редовен студент на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и при крај сум со студиите. Секојдневно вежбам во фитнес центар, пред се заради сопственото здравје, а воедно и заради потребите на моделингот. Планинарам, скијам, читам и повремено сакам да подготвам интересни јадења, по сопствен рецепт.

ММ: Модел во Македонија и да се биде модел во светот – може ли да се направи паралела?

Обврските кон моделингот се исти без разлика каде и да се работи – упорност и посветеност на работата, самодисциплина, работа врз себеси заради исполнување на критериумите за добар модел и, секако, почитување на договорот склучен со модната агенција.

Разликата е во големината на „пазарот“, големината и важноста на модната сцена, бројот и важноста на модните настани, бројот и важноста на клиентите на модата, медиумската промоција на модните настани, можностите за лична промоција, големината на заработката од ангажманот и секако, силната конкуренција.

ММ: Со кого би сакале да соработувате во иднина?

За разлика од многу луѓе кои влегуваат во светот на моделството откако ќе видат некој светски модел на модната писта, кога јас станав член на ModelsIn, немав идеализирано ниту еден модел и, сеуште стојам зад тоа дека секој модел си прави кариера за себе, независно од другите модели на пистата. Од професионални соработки, би сакал во иднина да соработувам со модни агенции од четирите светски модни центри – Милано, Париз, Њујорк и Токио, бидејќи моделот е толку добар колку што е агенцијата позади него – токму затоа и се зачленив во ModelsIn, бидејќи се први и дефинитивно најдобри во Македонија. 

ММ: Кои се добрите и лошите страни на моделингот? Колку жртви се потребни да се влезе во светскиот моделинг?

Како добри страни би ги истакнал: зајакнување на самодовербата, подобрување на самодисциплината, позитивно издвојување во средината и влијание врз неа, стекнување нови пријатели, уживање во работата и промоција на креациите и на модата, патување низ државата и светот и постојано учење за светот на модата. Како лоши страни би го навел тоа дека мора строго да се почитува режимот на здрава исхрана, телесни вежби и одмор без разлика на време од денот, со цел водење грижа за своето тело, за да можеме да се покажеме во најдобро светло на секој ангажман.

ММ: Како го опишувате вашиот личен стил на облекување?

Мојот личен стил на облекување би рекол дека е пред се младешки и на некој начин адаптибилен, бидејќи сум способен да се прилагодам на потребата за која се облекувам, дали е за формален настан, рандеву со пријатели во кафе бар, или прошетка низ парк. Би рекол дека оваа одлика многу ми има помогнато во моделството затоа што на креаторот/фотографот му е потребен модел кој лесно би се адаптирал за работата за која е ангажиран.

ММ: Ваш совет за оние кои сакаат да станат модели?

Да бидат цврсто убедени дека сакаат тоа да го работат, бидејќи моделингот не е ни малку лесна работа. Се бара целосна посветеност и љубов кон работата, пожртвуваност, постојано учење и подобрување. Но, можам да кажам дека сатисфакцијата од работата е преголема и секоја жртва направена со цел подобрување на себеси вреди!

ММ: Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив? Кои се вашите планови за годинава?

Секако! Сонот станува јаве кога ќе ги дефинираме целите што треба да ги оствариме, начините на кои ќе ги оствариме, а потоа ќе работиме упорно и без откажување за да го постигнеме сето тоа. Годинава покрај дипломирање, планирам да се вратам на модата во најскор можен рок, нормално доколку условите во светот го дозволат тоа./M.M.

 

More in:Модели

You may also like

Comments are closed.