Десет компании на семејството Малиќи, од македонскиот и косовскиот пазар, се дел од „Малиќи Груп”, со план за развој, единствено работење, дигитализација и визионерство на сопствениците и на тимот.
– Имаме чест и одговорност, денес, со моето семејство да Ве запознаеме со плановите и конкретните предлози за ангажманите во нашиот Холдинг, оставен како аманет од еден голем човек – нашиот татко Енвер Малиќи. Тој нè научи како треба да се раководи бизнисот, а истовремено да се цени и секој момент поминат со блиските, без разлика дали се пријатели или бизнис-соработници, изјави Албан Малиќи, директор и член на бордот на директори. Групацијата се состои од компании кои работат во регионот во областите на дистрибуција, недвижности и угостителството. Тоа се компаниите: Gemak, Gekos, Maliqi Construction со странски инвестиции во Rajana Engeneering, Hindenburg Germanija, Gemak Telecommunication Services, Enternet, Vala distributer, Parklend, Immoreks и Cactus construction.
Алтин Малиќи, уште еден од сопствениците на компанијата и член на бордот на директори, вели дека досега овие компании, од различни сектори на бизнисот, функционирале како поединечни правни единки. Но, сега, како дел од оваа Групација, меѓусебно ќе се координираат со цел да се отворат нови можности за прогресивен раст на компаниите.
Многу важен сегмент од ова вмрежување на компаниите ќе биде дигитализацијата, со што ќе се унапреди оперативното работење на сите нивоа и ќе се подобри функционалноста на секоја од компаниите поединечно, но и на ниво на Групација.
– Ние инспирираме напредок, лидерство и претприемништво. Се заблагодарувам на поддршката од целиот тим, од 400 вработени, тим со кој заеднички, во време на пандемијата со Ковид-19, во исклучително тешки две години, се обидовме да го испорачаме сето она што го планиравме, вели Резеарта Малиќи Салиу-директорка и член на бордот на директори на новиот Холдинг.
Семејството на Енвер Малиќи основа и Фондација која ќе го носи името на овој голем човек, хуманист, професионалец, посветен татко и сопруг, визионер, филантроп, успешен бизнисмен, другар и пријател. Фондацијата ќе поддржува проекти од областа на образованието, културата и животната средина, а во соработка со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Архитектонскиот факултет во Приштина, ќе додели пет стипендии за најдобрите студенти во студиската година. Дополнително, договорена е и поддршка и за Филхармонија на РСМ.
– Фондацијата „Енвер Малиќи” ќе биде подадена рака за секој поединец, уметник, институција, здружение, коишто сакаат да направат промена во одредени сфери на живеењето, во земјава, и во соседно Косово. Ќе мапираме потребни проекти кои ќе бидат благодет за заедницата. Би сакале да промовираме и вредности за почитување на природата и ублажување на климатските промени. Потребна е индивидуална одговорност за благодет на целото општество, изјави Мевљуде Малиќи, сопруга на Енвер Малиќи и претседателка на Фондацијата./М.М.