Lido Beachwear 2024 е првата рекламна кампања која за италијанската модна куќа Gucci ја има сработено новиот креативен директор Sabato De Sarno. Од своето деби во септември минатата година, De Sarno внесе ново чувство на опуштена софистицираност во она што го создава, така што ниту Lido Beachwear 2024 не е исклучок.
Црпејќи инспирација од стилските клубови распослани долж живописното крајбрежје на Италија, колекцијата Gucci Lido ја доловува привлечноста на врелите точки на ривиерата. Снимена од Anthony Seklaoui и стилизирана од Thomas De Kluyver, кампањата прикажува облека и низа неопходни работи за плажа, дизајнирани да го поттикнат духот на лежерните денови поминати крај морето.


Колекцијата содржи минималистички, монограмски костими за капење кои потсетуваат на оние од 90-тите, заедно со свилени кошули и панталони со пруги, совршени за вечерите часови. Плетените мини фустани додаваат допир на софистицираност на забавите покрај базенот, рефлектирајќи ја визијата на De Sarno за шик летна гардероба.


Gucci Lido нуди сеопфатен асортиман на неопходна облека за плажа, од триаголни бикини до едноделни костими за капење, со големи странични исечоци, достапни во опции со и без лого. Летните шапки, торби и еспадрили го комплетираат крајбрежниот изглед, со живописни акценти, како што се деталите на фустаните во лимон-жолта боја.
Во белешките од модната куќа се посочува дека добро познатите Gucci чанти, како Jackie и GG Marmont во колекцијата се претставени во нови рува, во платно и рафија, со ефект на слама. Платнените додатоци, како чантите Luce и Moon Side, внесуваат разигран допир во колекцијата, додека неонските детали додаваат модерен пресврт на класичните мотиви. Видео од новата кампања е на следниот линк.

Gucci Lido колекцијата ќе биде достапна само во одредени поп-ап продавници и тоа на некои од најпознатите туристички дестинации во светот./M.M.



More in:Мода

You may also like

Comments are closed.