Во главниот хол на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, под мотото „Ние сме УКИМ, ние сме едно семејство“,вечерва, во 19 часот, ќе бидат презентирани модни дизајни на студентите од Технолошко-металуршки факултет – Институт за дизајн и инженеринг на облека.
Изложбата на дизајни насловена како „МОЛИВЕРЗУМ/MOLIVERS“ се реализира во соработка со Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ во Скопје и Францускиот институт во Скопје. Инспирација во креирањето на модните дизајни е големиот француски писател Молиер. Годинава се одбележуваат јубилејни 400 години од раѓањето на Молиер.
„Читајќи ги Тартиф, Мизантроп или Дон Жуан, согледавме дека светогледот на Молиер е актуелен и денес во нашиот универзум/метаверзум. Тоа нè охрабри да замислиме како би изгледале неговите ликови денес, со користење на модерната технологија, а со тоа на еден оригинален начин да го одбележиме и јубилејот од неговото раѓање“, вели професорката Лидија Георгиева.


Во рамките на настанот, од фондот на НУБ ќе бидат изложени и две витрини со избор од творештвото на Молиер.
Изложбата е остварување на првата фаза од еден амбициозен и обемен проект, чијшто носител е Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, по објавениот интерен конкурс за распределба на средства за културни, спортски активности и други манифестации на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, за оваа година.
Втората фаза вклучува наградно патување на студентите и нивна изложба/инсталација во Париз. Третата фаза ќе биде презентација и декорирање на излогот на Францускиот институт во Скопје. Реализацијата на проектот е под менторство на професорките Лидија Георгиева, Ирина Бабамова и Снежана Петрова.


Ivana Tasev
Public Relations Manager

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.