Актерите Весна Петрушевска и Игор Џамбазов преку еколошкото шоу Агенда 21 ќе апелираат за грижата за животна средина
Еминентните актери ќе бидат во улога на водители на еколошкото шоу Агенда 21, во продукција на КМК. Емисијата ветува добра забава, факти и повик за акција за ублажување на климатските промени, глобалното затоплување и деструктивноста кон природата.
– Сигурна сум дека шоуто Агенда 21 ќе го задржи вниманието на гледачите, преку важни теми за животната средина. Интересен е фактот што направивме емисија која е налик на таканаречена “домашна седенка” со поширокиот круг на семејството во која дискутираме, едуцираме, дебатираме и се забавуваме. Во светот, но и дома, сведоци сме на пожари, поплави и изумирање на безброј животински видови, така што никако не треба да ги игнорираме актуелните предупредувања, за да не биде предоцна за целото општество, вели Петрушевска.
Агенда 21 ќе ги едуцира гледачите за моменталната состојба со животната средина во земјава, како и за она што сите заедно можеме да го направиме за да се грижиме за природата. Климатските промени се реалност и за тоа треба да се превземат сериозни чекори, како индивидуално така и од страна на институциите и компаниите. – Крајно време беше некој да се позанимава на оваа тема. Мојата убава татковина – изворот на бесконечно прекрасни пејсажи, доживеав младите да ја викаат Македонија-депонија што ми покажа дека нешто навистина сме згрешиле во нашето битисување, изјави Џамбазов.
Шоуто ќе се емитува од 20-ти ноември, секоја сабота, во 20 часот на телевизија Телма.
Во агенда 21 Петрушевска и Џамбазов ги придружуваат млади актери – колеги, како Кристијан Ѓоргиев, Анастасија Митровска и Јована Миладинова, со кои дебатираат и разменуваат мислења./М.М.