Филмот„КАЈМАК“ во режија на Милчо Манчевски, во кој Северна Македонија е носител на проектот, како и филмовите и копродукциите „ЖИВИ И ЗДРАВИ“ и „ДОЛИНАТА НА ШАРКО“, во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на првата сесија во 2021 година.
На својата редовна 162 сесија која се одржа од 16-19 март, Еуримаж финансиски подржа 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти.
Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж највисоко го евалуираше проектот „КАЈМАК“ на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и Бугарија.
Во оваа категорија е поддржан и проектот „ЖИВИ И ЗДРАВИ“ во режија на Иван Мариновиќ, копродукција помеѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка, во кој Северна Македонија е малцински копродуцент.
Во категоријата документарен филм исклучително висока оценка доби проектот „ДОЛИНАТА НА ШАРКО“ во режија на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, во кој исто така Северна Македонија е малцински копродуцент.
„Поддршката за македонски филм и за два проекти во кои Македонија има копродуцентско учество е многу важно за македонската кинематографија зашто европската поддршка пристигнува и во тешкиот и неизвесен период на ковид пандемијата. Морам уште еднаш да потенцирам дека долгометражниот „КАЈМАК“, во кој Северна Македонија е носител и документарниот „ДОЛИНАТА НА ШАРКО“, во кој е малцински учесник, добија највисоки оценки при евалуацијата, во конкуренција со значајни имиња во кинематографијата како, браќата Дарден, Џесика Вудворт, Мишел Хазнавикус, Роберт Бергер, Кристина Гросан и други. Ова е особено значајно поради тоа што, и покрај извонредната конкуренција, на годишно ниво се пријавуваат по 250-260 нови филмски копродукции и навистина е тешко да се добие поддршка. Од друга страна, финансиските средства се ограничени па често се случува дел од солидните наслови да не ја добијат финансиската поддршка “, изјави Татјана Ќурчинска Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.
Европскиот фонд Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.160 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 625 милиони евра.
За содржината на оригиналните текстови и соопштенијата одговорни се нарачателите.