За модната куќа ЕТРО деновиве многу се зборува – поводот е облеката со која групата Манескин победи на годинешниот фестивал Санремо. Не е случајно модното интересирање: ЕТРО е модна куќа која го дефинира италијанскиот стил ширум светот уште од 1968 година. Со традиционално креирање оригинален текстил, дизајн и внимание на детали, Етро со децении создава дизајнерска облека и додатоци за мажи и жени, каде страста за истражувања и патувања се традиционалните концепти на безмалу секоја колекција. Барем така беше до сега.
Имено, за претстојното лето дизајнерката Вероника Етро, по годината на пандемијата и на заклучувањата, креира колекција за Италија, инспирирана од впечатоците создадени од старите патувања до Ишија, Капри, Неапол и Позитано.
Вероника Етро елегантно ги заобиколува сериозните, официјални евент парчиња и за летните денови предлага мултифункционално облекување. Секако, колекцијата е богата и со поли-формални фустани, со препознатливи дезени на модната куќа, кои можат да се носат било кога и било каде. На ревијата беа претставени и фустани за покрупни жени, што особено беше поздравено на социјалните мрежи. Фустаните од сатен се спарени со прекрасни сандали со свилени ленти за врзување на глуждовите. Вибрантните бои внесуваат радост на целата модна линија, па дури и на спортската облека која е стилизирана така што може да се носи и за викенди и за неофицијални излегувања. Претставени се и блејзери и комплети, со малку нагласени раменици, со цел да се нагласи и издолжи силуетата. Колекцијата без сомнение ќе биде многу посакувана на плажите и во летните денови во Италија и пошироко./М.М.
Погледнете на инстаграм: