Поради намалената економска моќ дури три четвртини од населението во земјава се грее или готви на дрва. Во руралните средини дури 95 проценти од населението користи дрва. Ова го нотира Светска банка во еден од Извештаите за зелен раст на државата со поента дека растечкиот тренд на употреба на огревното дрво е меѓу причините за загадувањето на воздухот во Македонија да е едно од најголемите во Европа.
– Изминативе години токму поради ниската економска моќ на граѓаните тие користат дрва како најевтина и најдобра алтернатива за греење на домовите кои исто така не се енергетски ефикасни и со секој друг енергенс нивното загревање би чинело многу пари. Токму емисиите на јаглерод диоксид и на цврстите честички, кои, меѓу другото, се продукт и на навиките за греење на домовите, ја рангираат нашата држава на петто место во Европа според смртноста од загаден воздух, констатираат аналитичарите на Светска банка. Се проценува дека цврстите честички во воздухот се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно, но и за илјадници изгубени работни денови, што, пак, претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно, еднакво на 3,2% од БДП, велат од Еко-Свест.
Прераната смртност се појавува од кардиопулмонарни заболувања и рак на белите дробови. Во 2011 година нивото на загадување од цврсти честички беше примарно одговорно за 485 нови случаи на хроничен бронхитис, 770 болнички приеми и 15.200 итни посети. Со намалување на ПМ10 и ПМ25 до европските гранични вредности ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи и многубројни изгубени работни денови, со што ќе се реализира заштеда во здравствени трошоци од 151 милиони евра годишно – стои во извештајот на Светска банка.
Еко-Свест работи на забрзување на енергетската транзиција заради ублажување на климатските промени преку проектот „Промовирање на енергетска транзиција во С. Македонија” финансиски подржан од CEE Bankwatch Network, како и во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени”, спроведуван од Еко-Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, финансиран од Европска Унија.
За содржината на оригиналните текстови и соопштенијата одговорни се нарачателите.