Се побројни се истражувањата кое потврдуваат дека квалитетниот сон е неопходен за нормално функционирање во текот на денот, а дека недостатокот на сон го забрзува појавувањето на знаците на стареење и ја зголемува веројатноста за појава на многу болести.
Додека спиеме, телото се одмара и се полни со енергија за нов ден. Вашите навики во исхраната имаат важна улога во тоа колку лесно заспивате и колку добро спиете, како и во тоа колку всушност вашиот сон бил мирен.
Студија објавена во Куреус забележува дека големите количества маснотии и шеќер можат да условат пократок сон и будење во текот на ноќта. Се препорачува најмалку седум часа сон, а за да го направите што е можно подобар, последниот оброк во денот треба да е најмалку два часа пред починок.
За да заспиете брзо и лесно, важно е да внимавате што и кога јадете. Конзумирањето на храна богата со јаглехидрати, мелатонин, аминокиселина триптофан, магнезиум или калиум ќе помогнат да заспиете побрзо и полесно. Во бананите, слатките компири, лешниците, мешунките, ќе најдете и витамин Б што ќе ја подобри способноста на телото да го регулира лачењето на триптофанот и да произведува повеќе серотонин – две состојки многу важни во регулацијата на спиењето. Јаглехидратите ослободуваат повеќе триптофан што го стимулира лачењето на хормоните серотонин и мелатонин во мозокот- хормони одговорни за спиењето. Триптофанот релаксира и го подобрува расположението, додека магнезиумот е одговорен за релаксација на мускулите, што доведува до опуштање и помага во борба против стресот.
Млеко
Млекото содржи триптофан, кој во организмот се претвора во хормон серотонин, неопходен за добар сон. Доколку во млекото се додадат бадеми, мед и циметот, ќе се стимулира создавање на мелатонин, хормонот за спиење.
Банани
Магнезиумот и калиумот во бананите ги релаксираат мускулите, а триптофанот го поттикнува производството на серотонин. Освен за спиење, бананите,калиумот во нив, се добри и за здравјето на кардиоваскуларниот систем и когнитивното функционирање.
Бадеми
Богати се со магнезиум, кој промовира подобар сон и ги релаксира мускулите, а и добар извор на триптофан. Тие одржуваат стабилно ниво на шеќер во крвта за време на спиењето и помагаат полесно да заспиете.
Вишни
Содржат мелатонин, кој го контролира внатрешниот часовник или циклусот на будност и сон. Како што нивото на мелатонин се зголемува, се јавува поспаност а и покусо време до сонот. Различни студии откриле дека возрасните кои страдаат од хронична несоница треба да испијат чаша сок од вишни, за да ги подобрат должината и квалитетот на спиењето./M.M.