„Она што го правам на приватен и професионален план е исклучиво од љубов и внатрешен порив, односно постојана потреба и желба за израз на идеи и инспирации што секојдневно се акумулираат, вели дизајнер Маја Десподовска за себе, своите креативни пориви и предизвици. Како дизајнер имам професионален пристап, сериозен и аналитичен, без оглед дали се работи за модел на клиент или дизајн на цела колекција. Создавањето е процес – го доживувате и допирате замисленото како креација. Плодот на вашата мисла е реализиран и тоа е посебно доживување што плени и што се обидувам да го пренесам на сите мои соработници, клиенти и пријатели.
Какви беа почетоците, образованието,првите успеси?
По природа сум естетик со исклучително чувство за форма и композиција. Токму затоа, се запишав во средно уметничко училиште, насока моден дизајн и текстил. Моето образование го продолжив на Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија. Отсекот за мода и дизајн одигра посебна улога за мене во смисла на креирање на сопствена мисла и насока, а беше и одлична база за влез во модниот свет. Таму беа и моите први креативни искуства, учества на бројни изложби и модни ревии. Од таму и храброста за натамошните чекори, како, илустрација на скици за германски дизајнер, дизајн на долна облека за македонски бренд, па долги години работа и креатива како водечки дизајнер во една од најголемите модни куќи во Македонија… Сега Маја е сопственик и главен дизајнер на Атеље Маја Десподовска, македонски бренд што постојано расте и се развива.
Што ве инспирира најмногу, од каде ја добивате креативата?
Инспирација влечам од разни теми, следам светски модни тенденции, иако сметам дека како дизајнер и уметник трендовите треба да се наметнат наместо слепо да се следат. Понекогаш се инспирирам од одредени личности или целна група кога креирам наменски, од архитектура или познати уметници, бои и форми кои ми се интересни итн. Кога имате креативна мисла идејата и инспирацијата едноставно се раѓаат и тоа нема крај, неисцрпно е.
Како си задоволна со работата во своето Атеље Маја Десподовска?
Ова е четврта година како работам самостојно и секој ден е успех за мене, секогаш се трудам да дадам максимум, се гордеам на себе, своите клиенти, пријатели и искрено ја ценам нивната поддршка. Можам да кажам дека ми е задоволство што имам можност да се среќавам со прекрасни личности и љубители на уметноста и дизајнот. Личен успех на професионален план чувствувам исклучиво кога јас и клиентите односно соработниците сме задоволни од производот како дизајн естетика и изработка односно квалитет и фит. Комплетната изведба и изборот на материјал.
Може ли да се живее од дизајн на мода, особено во време кога сме сите исправени пред предизвиците условени од пандемијата?
Секако дека може да се живее од дизајн на мода , би напоменала дека има многу луѓе кои препознаваат што е квалитетен дизајн и изработка, тие познавачи се всушност моја лична цел, задоволство е да се работи со одврзани раце и во поглед на дизајн и во избор на материјал.
Бидејќи оваа година бевме силно погодени на глобално ниво од пандемијата, не успеав сеуште да ја презентирам новата колекција која ќе биде секако презентирана соодветно во најскоро време, во моментов го подготвувам официјалниот веб сајт и онлајн продавница на кој ќе се најдат актуелните парчиња на мојот бренд. На тој начин ќе станеме достапни и пошироко. Новата колекција ќе излезе на крајот на февруари, за нас креативните нема одмор максимално се користи периодот во дизајн и планови.
Се надевам на добра година и, доколку се биде како што треба, на пролет ќе отворам и изложбен салон во кој во посебна атмосфера и комуникацијата ќе можат да се одберат парчиња од нашата колекција.