Природниот талент го усоврша во Лондон, во светски познатите фризерски академии.Tony&Guy и Vidal Sassoon, за по двеипол децении искуство и кариера да ја смени целосната поставеност и  се насочува кон персонална услуга. – Персоналната услуга всушност е и најсоодветна на актуелната состојба и на мерките за претпазливот

Се доживувам како креативец, уживам во процесот на создавањето, уживам во убави вкусови и мириси. Како екстроверт, од големо знаечење ми се семејството и пријателите, имам потреба од дружења и размена на енергија во секојдневието. Креативноста ја чувствував од секогаш во себе, па уште како мал се потстрижував и себе си и најблиските. Истовремено, уживав и во креирањето на уметнички дела и во сликањето. Сликањето ми беше пасија, за потоа целосно да се насочам кон фризерството. Позитивните критики  од најблиските беа и охрабрување, дека навистина би бил успешен во професијата.

Тоа и се случи и, еве, двеипол децении искуство и кариера се зад мене. Имало и успеси, и промени и премрежја. Но токму тие ме направија посилен и подобар. Со последната промена, разочаран од целосната поставеност и (не)професионалност во фризерството, се насочив кон идејата за поинаков пристап, односно на персонална услуга, што значи дека целиот процес на креирање го работам сам. Ваквиот пристап е сосема различен од салон со повеќе вработени, бидејќи сега имам поголема можност да ги разберам потребите на клиентите, и да имам целосна контрола во изработката на финалната форма и боја. Понекогаш е понапорно, но наградата е задоволството на клиентите, кои навистина ја почитуваат персоналната услуга која ја нудам.

Дејан Мијоски Мио – стилист

 Талент – образование

Првите искуства ми се на самиот себе, бидејќи како мал секогаш од фризер си доаѓав многу разочаран и без посакуваната форма и фризура. Па почнав да ја корегирам формата самиот и реално ми се допаѓаше крајниот резултат. Потоа започнав да ги шишам моите родители и сестра ми, и бројот на блиски кои ми доверуваа да ги шишам се зголемуваше. Образованието дојде подоцна, во моментот кога почувствував потреба мојот природен талент да го усовршам, и тоа го направив во Лондон во Tony&Guy и Vidal Sassoon, светски познатите фризерски академии. Таму ги научив техниките и методите на работа, а тие во комбинација со талентот ми овозможија и да напредувам и да се усовршувам.

Стил

Не сум опседнат со модните детали и облекувањето, стилот ми е едноставен, но надополнет со некои детали, како што се накит, каиш или слично, добивам некој свој препознатлив стил. Стилот и естетиката ми се отсликуваат и во професијата, креирам фризури кои се со природни бои и кои се лесни за одржување и местење и во домашни услови.

Инспирација

Од почетната точка, желбата и идејата на клиентот, при изборот што ќе креирам свое влијание има квалитетот на косата и физиономијата, заедно, со стилот на клиентот. Со клиентите развивам блиски релации и секогаш им давам совети како да постигнат подобар квалитет на косата. Со негуваната и здрава коса, во комбинација со формата и бојата кои јас ги креирам, клиентите добиваат фризура која во нивното секојдневие е лесна и едноставна за одржување, а притоа привлекува многу погледи и комплименти. Тоа е водечката инспирација за мене.

Планови

Живееме во време кога правење на планови е речиси невозможно. Секако ќе продолжам со персоналната услуга, која е всушност и најсоодветна и во согласност со мерките за претпазливот. Во меѓувреме се обидувам секој момент да го доживувам во реално време, да живеам во сегашноста, ги следам случувањата и потребите на клиентите, па согласно тоа ќе излезат и идните планови.

You may also like

Comments are closed.