„Деветтиот круг (ден) е колекција направена со многу емоции. Колекцијата е продолжение на концептот за којшто долго истражувам и работам, а вбројува уште две колекции, Танцот на седумте превези и Осмиот вел”, вели дизајнерот Димитар Бабков кој изминатите 5 години активно работеше во модната индустрија за едни од најголемите модни имиња, а денес стои зад брендот SON OF SALOME.
Инспирација доаѓа од драмата „Саломе” на Оскар Вајлд, библиска приказна поврзана со погубувањето на Јован Крстител. Со еден танц младата девојка го добива тоа што го посакува, а тоа е главата на Јован
Крстител на сребрен послужавник. Пореметување на основните човечки вредности е главниот акцент и порака на колекцијата, како и целиот концепт на брендот SON OF SALOME.
Соголување на човечката внатрешност, емоционална нестабилност, љубов, болка, страв, безличност и животниот циклус, се дел од темите кои се симболично прикажани во колекцијата низ форми, бои и кроеви.
Голем дел од колекцијата вклучува рачна доработка како везени и плетени детали, а дел од ткаенините се од рециклирани материјали.
Голема благодарност до целиот тим кој беше вклучен во подготовката на едиторијалот: фотографија -Мартина Шалова Чешновар, модел – Веда Евтимова (MODELS IN), шминка – Миа Араби, фризура – Елена Николовска и огромна благодарност до Митко Занов и Емил Поповски.
Чистите емоции и човечноста стануваат се поголема реткост и како резултат се соочуваме со се повеќе глобални проблеми кои го засегаат секој од нас.
„Мистеријата на љубовта е пограндиозна од мистеријата на смртта”
Оскар Вајлд, Саломе