Деветтото издание на еден од најзначајните гастрономски настани во регионот – Гастромак, одржано е во хотелот „Цар Самоил“ во Банско, обединувајќи врвни шефови и гастрономски експерти од целиот Балкан и пошироко. Настанот, кој прерасна во препознатлива регионална платформа за едукација, промоција и размена на искуства, понуди богата програма исполнета со предавања, демонстрации и дегустации.
Освен промоцијата на македонската гастрономска традиција, во рамките на настанот беа одржани и едукативни предавања во Младинскиот центар на Општина Струмица, наменети за ученици од угостителските училишта од целата држава. Програмата опфати и настапи на врвни професионалци, меѓу кои Стево Карапанџа од Хрватска, Изток Легат и Томаж Возељ од Словенија, Драгица Лукин, Жељко Невен Бремец и Доменико Маџи од Хрватска, Дон Давид од Русија, Алан Пајен од Маурициус, Ѓорѓе Костиќ од Србија, Хамид Хаџиќ од Босна и Херцеговина и Вук Митровиќ од Црна Гора.
Темите што беа обработени опфатија широк спектар на современи гастрономски знаења – од иновативни кулинарски техники и зачувување на традицијата, до уметност на презентација, угостителски менаџмент и комуникација со гости. Особено внимание привлече предавањето посветено на концептот ВАКС, како и панел-дискусиите за еволуцијата на балканската кујна, спарување храна и вино, тајните на совршениот барбикју и современите трендови во хотелиерството.
Во фокусот беа и македонските гастрономски вредности, претставени преку специјализирани презентации на Никола Мишковски, Зоран Мајновски, Зоран Андонов, Ивана Ѓоргиева, Мите Петров, Кирил Иванов и Младен Мицевски, истакнати се уникатните вкусови и традиции на нашата кујна.
Кулминацијата на годинашното издание беше гала-вечерата „Залче од светските вкусови“, на која секој од шефовите подготви по едно автентично јадење од својата земја. Вечерата претставуваше вистинско гастрономско патување низ културите и вкусовите на светот – симбол на заедништво, страст и професионализам што ја одбележи суштината на Гастромак.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.