Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска на 5 ноември во Културно-информативниот центар – Скопје ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм ‘Веселата војна’“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.
Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Концертот е во рамките на фестивалот фестивалот „Есенски музички свечености“.
На концертот ќе настапи гудачкиот квартет во состав: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.
Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска – современа визија на класиката
Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска претставува динамичен и визионерски камерeн ансамбл кој го гради својот уметнички идентитет преку спој на традицијата и современоста. Формиран под покровителство на Здружението Пламенка Трајковска – МКС, Скопје, ансамблот е препознатлив по иновативниот пристап кон класичниот репертоар и храбрите музички дијалози меѓу жанровите.
Во нивниот репертоар се вклучени класични дела, кросовер проекти, композиции инспирирани од балканскиот фолклор, како и современи музички изрази со употреба на мултимедија и нови технологии. Тој пристап создава автентичен звук и сценска естетика што ја преобликува традиционалната концертна перцепција.
Квартетот настапува на бројни фестивали и културни манифестации во земјата и странство – Скопско лето, Бит фест, Топол културен бран, Есенски музички свечености, како и на концерти во Франција, Грција, Србија, Бугарија, Хрватска, Танзанија и Турција. Со секоја изведба, тие создаваат длабока емотивна врска со публиката, претставувајќи ја Македонија како земја со богата музичка традиција и современ креативен израз./M.M.




















