Познатите академски сликари, сопружниците Љубица Мешкова – Солак и Димитар Солаковски, вчера го означија почетокот на работата на нивната „Solak gallery & concept store”.
Ова е една храбра бизнис одлука, доколку се знае дека приватните галерии се реткост на овие простори, за разлика од светот во кој тие се дел од општествената реалност.
„Нашата заложба е воспоставување на одржлива културна сцена во градот и, секако ,промоција со која уметниците би добиле можност да ги презентираат своите дела во еден современ простор кој ќе ги приближи до нивните купувачи. Имаме уметнички дела од реномирани македонски сликари и скулптори, а имаме и интересни парчиња применета уметност, од веќе етаблирани дизајнерски уметнички брендови”- истакна Буба Мешкова – Солак.
Не треба да се чекаат подобри времиња, за да се приближи уметноста до вистинските почитувачи. „SOLAK Gallery & Concept Store” е новиот прозорец кон уметноста и применетата уметност, потпишан од бројни македонски уметници чии дела се изложени на продажба во овој осмислен простор.