Аргирелин е пептид кој често се користи во козметички производи, а поради неговите ефекти за намалување на брчките се опишува и како „ботокс без инјекција“. Имено, аргирелин делува така што го инхибира ослободувањето на невротрансмитерот (ацетилхолин) кој е одговорен за мускулната контракција. Кога се користи локално на кожата, овој пептид може да ја намали мускулната активност во подлабоките слоеви на кожата, што резултира со помалку видливи брчки, особено околу очите и челото и релаксација на мускулите на лицето.
Иако ефектот не е толку драматичен како кај ботоксот (кој се инјектира директно во мускулите), аргирелин може да биде ефикасен во намалувањето на ситните брчки и линии. Се користи во серуми, креми и лосиони, а според искуството помалку е инвазивен од ботоксот.
Важно е да се напомене дека, како и кај сите козметички третмани, ефектите може да варираат од личност до личност, односно иако аргирелинот може да помогне во намалувањето на брчките, резултатите немора да бидат исти како при третман со ботокс.
Аргирелинот обично се наоѓа во помали концентрации во готови производи за нега на кожата, како што се серуми, креми или лосиони, бидејќи целта е да се постигнат ефекти против стареење без иритација или негативни, несакани ефекти. Повеќето комерцијални производи кои содржат аргирелин, користат концентрација од 5% или помала, бидејќи тоа е доволно за да се постигне ефект на намалување на брчките, а истовремено да се сметаат за безбедни за секојдневна употреба.
Аргирелинот во повисоки концентрации (на пр. во чиста форма), може да биде во серум или концентрат и, обично, бара повнимателна примена, бидејќи повисоките концентрации можат да предизвикаат иритација на кожата, доколку неправилно се користи. Препорачлива е консултација со дерматолог, за да се утврди дали овој пептид е соодветен на вашата кожа.
Иако не е толку стар како некои други активни состојки во козметиката, како што се хијалуронска киселина или витамин Ц, аргирелин е на пазарот доволно долго за да се докаже како ефикасен во третманите против стареење. Неговата употреба е се позастапена последниве години, особено во производи насочени против брчките и за зачувување на младешкиот изглед на кожата.
Меѓу производите кои содржат аргирелин, добро се испитани и широко се користат во козметиката се следните:
The Ordinary Argireline Solution 10%
Овој серум е еден од најпознатите производи со аргирелин во висока концентрација од десет проценти. Ефикасен е за намалување на брчките, особено на челото и околу очите. Познат е по своите едноставни, но ефективни формулации, како и по прифатливата цена.
Inkey List Argireline Solution
Овој производ со аргирелин е познат по неговата ефикасност во намалувањето на брчките и подобрување на еластичноста на кожата. Цената е поволна, во споредба со повеќето слични производи.
Peter Thomas Roth Un-Wrinkle Turbo Line Smoothing Toning Lotion
Производот е дел од линијата која користи пептидни технологии, вклучувајќи го и аргирелин за намалување на фините линии околу очите и устата. Освен аргирелин, содржи и други активни состојки кои помагаат во тонирањето и измазнувањето на кожата. Цената е повисока во споредба со претходните производи, но со дополнителни придобивки во форма на други anti-ageing состојки./M.M.

You may also like

Comments are closed.