Антонија Ристовска

Како лично чувство на успех модната дизајнерка Антонија Ристовска го доживувам опстојувањето на мал пазар повеќе од 25 години, продажбата на нејзините креации и надвор од земјава, големиот број на познати личности кои ги носеле нејзините креации во и надвор од државата и уште поголемиот број клиентки чии настани ги има разубавено. Најголем успех за неа е и останува насмевката на секоја девојка и жена која земала креација од ателјето, и како таа креација ќе помогне да биде најубава на нејзиниот настан. Тоа е она нешто што не поттикнува неуморно да работиме низ годините, посочува Ристовска. Ја запрашавме за нејзиниот едноставен и романтичен стил, за големото внимание посветено на квалитетот на материјалите и на изработката во нејзините колекции, кои секогаш се со безвременски дизајни, доза на романтика и елеганција – и – секако, со малку сексипил, за помладата генерација, како и за модната стварност денес – овде и во светот.

Antonija Ristovska

Заради сето што се случуваше на светот минатата година многу од бизнисите, меѓу кои и модниот поминуваа, па и сеуште поминуваат период на сериозни преиспитувања и барања. Како сето влијаеше и врз вашето работење?

Глобалната пандемија, како и секоја голема промена, без разлика дали е добра или лоша, со себе носи тектонски промени. Секако, модната индустрија на тоа не е имуна. Бевме сведоци на тоа кога во светски рамки ги откажаа модните недели, или беа одржувани без или со многу мала публика, нешто што пред две години било незамисливо. Светските брендови почнаа да бараат начини како директно да допрат до нивните купувачи, во време кога нивните најголеми купувачи-посредници, стоковните куќи, беа моментално или перманентно затворени. Сето, секако, беше потешко за малите, самостојни брендови, кои многу зависат од бутиците за да допрат до нивните крајни купувачи. Се затворија фабриките за материјали, а ниту продажните канали не беа толку лесно достапни како порано, со што се забавува целиот процес на производство.

Кај нас, ситуацијата е малку поинаква. Овде секој дизајнер работи самостојно, многу мал дел ги изложуваат своите креации во бутици, но и да го прават тоа, тоа е како надополнување на нивните ателјеа. Пазарот е помал, па малку е полесно да се допре до крајните потрошувачи. Секако, во време на ваква несигурност, многу луѓе се повлекуваат, се колебаат да купат модно парче или венчаница, посебно кога се несигурни кога и каде ќе можат да ги носат. Во период од повеќе од 25 години работење на ателјето, сме имале кризни периоди, но ништо не се споредува со 2020 година. Сепак, ателјето успеа да одржи некој континуитет на работење. Иако последните неколку години се посветивме повеќе на понуда со венчаници, секогаш беше промовирана и колекција модели во боја. Минатата година тоа беше колекција капути за Е/З 2020, а оваа година мини колекција на поедноставни венчаници и коктел модели, од колекцијата Alice П/Л 2021. Исто така изработувавме заштитни маски од 100% природни материјали, најмногу свила, како опција за заштита но и пријатен материјал за носење и интересни дизајни.

Antonija Ristovska

Дали во овие новонастанати услови може да опстоји професијата дизајнер во Македонија и колку луѓето лани се решаваа да купуваат дизајнерски парчиња?

Нашето ателје секогаш имало своја публика која ги ужива нашите дизајни. Јас повеќе од 30 години ја работам оваа работа, што е доказ дека да, може да се опстои со оваа професија. Најважно е да се има голема љубов кон работата. Секако дека имало тешки периоди, како и месеци кога луѓето не сакаат толку да се дотеруваат, посебно во поладните денови, но љубовта кон креирањето, секоја насмевка и благодарност на задоволна клиентка, како и секоја креација на која успеваме да и дадеме магија, од едноставно парче материјал до креација која краси некоја жена и ја прави да се чуствува посебно за нејзиниот важен настан – тоа е тоа што секогаш ме водело да продолжам и да ја работам мојата пасија. Бидејќи претходната година немаше настани, а нашите креации се главно за свечености, поретко се одлучуваа да купат креација. Но нашите клиентки за кои изработуваме модели кои ги носат на работа или на поинтимни настани секако не посетуваа. И секако, имавме клиентки кои се одлучуваа да изберат подарок од нашето ателје, од големиот избор на модни додатоци, како заштитни маски, марами и накит.

Antonija Ristovska

Кога сме кај дизајнот – можеме ли да се навратиме на вашите почетоци, на поривот за создавање, премрeжјата, она што ве одржало низ годините? 

Јас изработувам облека, првин за себе и за најблиските, од моите тинејџерски години. На почетокот тоа било од потреба да се има нешто поинакво, изработено по мој вкус и мерка, а како одговор на малата понуда на пазарот. На почетокот на работната кариера работев во друга индустрија, но љубовта кон модата и дизајнот цело време се провлекуваше, за во 1994 година да ја отворам мојата работилница. Првин работевме исклучиво модели по мерка. Тоа беа години кога работев на усовршување на занаетот, на начинот на изработка на кроевите, на учење на различните анатомии на жените, за првата колекција да ја презентирам во 2002 година. Од тогаш, секоја година ателјето презентира по две колекции годишно, а од 2015 година и по една колекција за невести. Мислам дека тоа што ме одржало во индустријата низ годините е љубовта кон модата, прилагодување кон барањата на пазарот, но секогаш со уникатен печат на ателјето. Секако и изработката на моделите и материјалите што ги користиме. За изработка на секое парче се користат најквалитетни материјали, најчесто природна свила, а изработката е доведена до перфекција. Тоа е нешто што нашите клиентки го препознаваат.

Antonija Ristovska

Како би се опишале себе си – вашиот стил, водечката инспирација за создавањето, највпечатливиот момент, лично чуство на успех? 

Мојот стил е едноставен и романтичен. Мојата омилена боја е црната, боја на елеганцијата. Но во летните денови, преферирам колоритни дезени, најчесто цветни. Обожавам природни материјали, а најмногу свила, па во мојот плакар нема да најдете парче изработено од синтетика. Тоа го пренесувам и во моите колекции, кои секогаш се со безвременски дизајни, доза на романтика и елеганција – и – секако, со малку сексипил, за помладата генерација. Како лично чувство на успех го доживувам опстојувањето на мал пазар повеќе од 25 години, продажбата на моите креации надвор од земјава, големиот број на познати личности кои ги носеле моите креации во и надвор од државата, уште поголемиот број клиентки чии настани ги имаме разубавено, а најголем успех за мене е насмевката на секоја девојка и жена која земала креација од ателјето, и како таа креација ќе помогне да биде најубава на нејзиниот настан. Тоа е она нешто што не поттикнува неуморно да работиме низ годините.

Antonija Ristovska

Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот, како таму се работи – има ли разлики во пазарот?

Нашата модна сцена е мала, соодветно на популацијата во Македонија. Ме радува што има неколку дизајнери кои неуморно творат, претставуваат уникатни модели и добра изработка секоја сезона. Но, за жал, тие можат да се избројат на две раце. Далеку поголем е бројот на оние кои се претставуваат како дизајнери, а не преставуваат ништо оригинално, немаат тематика во своите колекции, и со изработка на фустани за свечености, се декларираат како дизајнери. Од друга страна, има и школувани дизајнери кои не посветуваат доволно внимание на квалитетната изработка и на значењето на добриот материјал, бидејќи како и дизајнот и идејата, многу важна е изработката, кројот и материјалот, за една идеја да изгледа убаво како креација. Во одност на пазарот во регионот, мислам дека има разлика во храброста на дизајните. Тоа до некаде е и очекувано, бидејќи нивната естрадна сцена е поголема, и со тоа има простор за дизајнерите да творат за потеатрални настапи.

Antonija Ristovska

Дизајнер во Македонија и дизајнер во големиот свет – може ли да се направи паралела?

Тешко е да се направи таква паралела. Светската модна индустрија функционира на многу поразличен начин. Во светските метрополи само избраниот 1% ја има привилегијата да нарача парче изработено по мерка, бидејќи сумите се во десетици дури и стотици илјади евра за изработка. А prêt-a-porter колекциите кои ги промовираат, ги продаваат на retailers, не на поединци, што е случајот кај нас. Па така процесот и комуникацијата со крајниот потрошувач е далеку поинтимна кај нас. Секако, настаните кои се одржуваат во светските метрополи дозволуваат луѓето почесто да носат дизајнерска облека, додека кај нас најчестиот настан е свадба, или некаква семејна прослава.

Antonija Ristovska

Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив. Кои се вашите за годинава?

Секако! Само со многу труд и љубов може да се постигне се што ќе се отсонува. Оваа година се надевам, а веќе и се остварува полека, да се вратат нашите животи во нормала, да ја вратиме таа безгрижност од пред пандемијата, луѓето повторно да можат да ја остварат таа конекција која не оддржува во живот, и секако да усреќиме уште многу невести, девојки и жени./М.М.

Antonija Ristovska

 

Контактите на Антонија Ристовска се на: www.antonijaristovska.com , facebook.com/ateljeantonija, www.instagram.com/antonijaristovska

 

Колекција капути limited edition Е/З 2020: https://www.facebook.com/media/set/?vanity=ateljeantonija&set=a.3656169571073554

Колекција САЈА П/Л 2018 – инспирирана од македонската народна носија, свила печатена во Италија за потребите на колекцијата, со оригинален дизајн на Антонија Ристовска

https://www.facebook.com/media/set/?vanity=ateljeantonija&set=a.1736083849748812

 

You may also like

Comments are closed.