Ава – инфлуенсерка од иднината открива што носат технологијата, филтрите и трката по идеален изглед на социјалните мрежи.

Инфлуенсерите денес се синоним за гламур, совршени фотографии и безгрижни патувања. Но, според едно ново истражување, зад блескавата слика на социјалните мрежи се крие мрачна иднина. Експерти на платформата Casino.org создадоа дигитален модел по име Ава, кој претставува проекција како би можеле да изгледаат инфлуенсерите во 2050 година – со искривена фигура, оштетена кожа и хронични болки во вратот.
Истражувањето е засновано на медицински анализи и податоци за влијанието на седечкиот, дигитално заситен начин на живот. „Иако кариерата на инфлуенсерите изгледа гламурозна, таа носи сериозни промени во стилот на живот кои оставаат трајни последици“, наведуваат авторите.
Моделот Ава, кој критичарите веќе го нарекуваат „Грбавата од Instagram“, ја отсликува реалноста на милиони луѓе кои секојдневно минуваат часови пред камери и екрани. Таа има свиткана кичма, заоблени рамена и „tech neck“ – хронична болка и деформација на вратот предизвикани од долготрајно гледање во телефони и монитори.
Покрај проблемите со држењето на телото, на моделот јасно се забележуваат и оштетувања на кожата: црвенило, воспаление и хиперпигментација. Според експертите, честото користење на шминка, агресивна козметика и постојаната изложеност на LED светла и екрани предизвикуваат т.н. „дигитално стареење“.
„Ава не е само концептуална слика – таа е одраз на долгорочните ефекти што може да ги предизвика ваквиот начин на живот,“ предупредуваат од Casino.org.
Дополнителен проблем е и дигиталниот замор на очите, познат како синдром на компјутерски вид, со симптоми како сувост, заматен вид, подочници и црвенило. Долгите часови во подготовка, уредување и интеракција со следбениците исто така водат кон недостаток на сон, што дополнително го нарушува здравјето.
Стручњаците потсетуваат дека инфлуенсерите денес работат и по 90 часа неделно, а темпото на создавање содржини расте од година во година. Тоа значи дека замислената Ава не е далечна фантазија, туку можен реален резултат.
„Прекумерната употреба на социјалните мрежи веќе влијае врз нашето тело – од проблеми со кичмата кај младите, до нови дерматолошки состојби поврзани со технологијата,“ велат истражувачите, предупредувајќи дека промените не се однесуваат само на жените, туку и на мажите.
Иако 2050 година изгледа далеку, експертите нагласуваат дека ликот на Ава веќе може да се препознае во секојдневието./М.М.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.