
Закерберг најави револуција: паметни очила како замена за смартфони во иднината
На годишната конференција Connect, Meta ги претстави Ray-Ban Display – прв модел на паметни очила што комбинираат вештачка интелигенција и надградена реалност. Според Meta, се очекува во наредните десет години паметните очила да станат секојдневна алатка за милиони корисници ширум светот.
Очилата се резултат на соработката со Ray-Ban, базирани се на култниот Wayfarer дизајн и со леќи што автоматски преминуваат во затемнети при сончева светлина. Главната новина е хед-ап дисплејот кој прикажува пораки, преводи, видео повици и други информации директно пред окото на корисникот, без да ја попречува видливоста.
Заедно со очилата, Meta лансира и Neural Band – паметна нараквица која овозможува контрола без говор и екрани, преку суптилни движења на прстите и раката. Овој уред ја чита електричната активност на нервниот систем и е опишан како прв масовно достапен неуро-интерфејс, применлив дури и за лица со ограничена подвижност.
Според Марк Закерберг очилата се „револуционерен уред“ што треба да им овозможи на луѓето да останат поврзани, но притоа да се ослободени од постојаното гледање во смартфон. Целта е да се создададат очила што изгледаат стилски, а носат суперинтелигенција и чувство на присуство преку реалистични холограми. Меѓу функционалностите се снимање и преглед на фотографии и видеа, превод во живо, транскрипција на говор во текст во реално време, како и асистент кој дава насоки и потсетници според контекстот.
Ray-Ban Display со интегриран AR дисплеј и Neural Band нараквицата ќе се продаваат по цена од 799 долари, од 30 септември годинава, првин само во одредени продавници во САД.