Од 16 до 18 октомври, „Јавна соба“ и МНТ ќе бидат домаќини на тридневна програма на ПМГ Рекордингс Фестивал 14 што ја обединува електрониката, попот, поезијата и трапот.
ПМГ Рекордингс Фестивал 14 го слави духот на трансформацијата преку поп, електроника и поетска музика на домашни и регионални уметници.
Скопје од 16 до 18 октомври ќе пулсира во ритамот на современата музика со четиринаесеттото издание на „ПМГ Рекордингс Фестивал“, кое оваа година ќе се одвива под мотото на промената – симболично поврзано со бројот 14 како знак на трансформација, слобода и духовен раст. Настаните ќе се одржат на сцените на „Јавна соба“ и на малата сцена во Македонскиот народен театар, со внимателно курирана програма што ја обединува урбаната култура, новите експерименти и автентичниот звук на домашните и странски изведувачи.
Главната фестивалска вечер е закажана за 18 октомври, кога на сцената во „Јавна соба“ првпат пред македонската публика ќе настапи реномираниот хрватски бенд MANGROOVE. Составот, предводен од Тони Старешиниќ и Жељка Веверец, ќе го претстави својот препознатлив поп-звук, исполнет со емоција и енергија, но и делови од новиот албум „Комад неба“. Публиката ќе може да ужива и во настапот на македонската електро-поп изведувачка Марија Каева, која ќе настапи со трио состав и избор песни од нејзиниот последен албум „Фортуна“.


Фестивалот ќе започне на 16 октомври во „Јавна соба“ со настап на Александар Велики – музичкото алтер его на Александар Гавровски, со авторски сет од неговите три студиски албуми.
Истата вечер ќе настапат и Donplaya & Prince$$ Donatsu, највлијателното трап-дуо од Битола, познато по својот смел израз и специфична уметничка естетика. Влезот нема да се наплатува.


Втората вечер, на 17 октомври, ќе биде посветена на електронската музика и нејзините интердисциплинарни облици. На малата сцена во МНТ ќе настапат продуцентот и диџеј L.O.V.D (Љубен Дерибан), музичко-поетскиот проект Поетроника (Оливер Митковски и Андреја Салпе) и Blackstate (Филип Тасевски) со иновативни сетови кои комбинираат електроника, синт-поп, алт-поп и експериментален звук.


„ПМГ Рекордингс Фестивал“ е основан во 2008 година од Мирко Попов и низ годините израсна во значајна платформа за новата музичка продукција. Четиринаесеттото издание е резултат на заедничка работа на фестивалскиот тим, музичарите и партнерите, посветено на роденденот на неговиот основач.


Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, во соработка со „Јавна соба“ и Македонски народен театар. Организатор е здружението за развој на музика и култура „Крај Вардарот“.
Билети за програмата на 17 октомври се достапни преку веб-страницата на МНТ, а за концертот на 18 октомври преку платформата „Друга страна“.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.