Како следната генерација на GLP-1 лекови би можела да промени милиони животи
Новата генерација лекови за слабеење, кои се развиваат во форма на таблети наместо инјекции, отвора реална можност за суштинска промена во третманот на дебелината и болести поврзани со нарушен метаболизам.
По глобалниот успех на Ozempic и Wegovy, фармацевтските компании веќе работат на понапредни формулации од истата група лекови, со една клучна разлика: наместо неделни инјекции, терапијата се зема како дневна таблета. Меѓу најавените се orforglipron на Eli Lilly, таблетарен GLP-1 лек во напредна фаза на клинички испитувања, како и комбинираните препарати од новата генерација retatrutide, CagriSema и survodutide, кои активираат повеќе рецептори и според првичните податоци покажуваат уште посилен ефект во намалувањето на телесната тежина. Паралелно, Novo Nordisk развива орална, таблетарна верзија на semaglutide, активната супстанца што стои зад Ozempic и Wegovy. Иако овие терапии сè уште не се широко достапни, тие веќе се перципираат како следен голем чекор во третманот на дебелината и на нарушувања кај метаболизмот..
GLP_1 терапиите всушност се дели на два главни сегмента: првиот вклучува лекови за слабеење, како Wegovy, кои се достапни во форма на инјекции и од неодамна и како таблети, и се наменети за намалување на телесната тежина кај возрасни со прекумерна тежина или дебелина, со дополнителни бенефити за кардиоваскуларното здравје. Вториот сегмент се лековите за дијабетес тип 2 и болести поврзани со нарушен метаболизам, како Ozempic (semaglutide) и Rybelsus, кои се првенствено наменети за контрола на шеќерот во крвта и други нарушувања кај метаболизмот, а ефектот на слабеењето е спореден и се смета како секундарен.
Разликата е суштинска, бидејќи масовната употреба на дијабетес лековите за слабеење доведе до недостиг и ограничен пристап за пациентите со дијабетес, што отвори етичка и медицинска дебата за нивна одговорна употреба.
Новите GLP-1 терапии делуваат врз центрите за глад и ситост во мозокот, како и врз регулацијата на шеќерот во крвта, што објаснува зошто кај голем број пациенти за првпат се јавува чувство на контрола врз сопствениот апетит и телесна тежина — чувство што претходно го немале и покрај години обиди со диети и физичка активност.
Токму затоа ваквите најави создаваат силни очекувања кај милиони луѓе кои со години се борат со прекумерна тежина и честопати живеат со чувство дека, и покрај вложениот труд, резултатите се минимални. За нив, новите терапии не се уште еден минлив тренд, туку можност за вистинска промена на квалитетот на животот.
Секако, дилемите остануваат. Дел од критичарите предупредуваат дека GLP-1 терапиите не се магично решение и дека по нивно прекинување телесната тежина може повторно да се зголеми. Но сè повеќе експерти укажуваат дека дебелината, како и дијабетесот или високиот крвен притисок, треба да се третира како хронична состојба што бара долгорочен медицински пристап, а не краткорочни, исцрпувачки диети./М.М.


















