По повеќе од две децении изградба со бројни финансиски, политички и безбедносни предизвицина на платото Гиза е отворен Grand Egyptian Museum, (GEM) – светски центар за чување, конзервација и презентација на археолошкото наследство на древниот Египет.
GEM е современ музејски кампус сместен на платото Гиза, крај големите пирамиди и Свингата. Објектот опфаќа големи изложбени простории, лаборатории за конзервација, образовни центри и панорамски тераси со поглед кон пирамидите. Проектот е дизајниран од архитектонското студио Heneghan Peng и финансиран со државни средства и меѓународни инвестициски инструменти.
https://www.youtube.com/@GrandEgyptianMuseum
Во музејот ќе бидат изложи десетици илјади артефакти од различни периоди на древноегипетската историја — при што централно место зазема целосната збирка на Тутанкамон, поставена за прв пат на едно место. Посебни експонати вклучуваат монументални скулптури (меѓу кои колосалната фигура на Рамзес II) и реставрирани кралски бродови, како и 4.600-годишниот брод на фараонот Куфу. Новите конзервациони капацитети и мултимедијалните галерии се дизајнирани да им овозможат сеопфатен пристап како на посетителите, така и на научната заедница.
Свеченото отворање беше и спектакл и дипломатски настан: на церемонијата беа присутни државници и претставници на меѓународни институции, а програмата вклучуваше светлосен и дрон-шоу, концерт и огномет.
Претседателот Абдел Фатах ел-Сиси го оцени настанот како „ново поглавје“ во презентацијата на египетското културно наследство.
Проектот на GEM е позициониран и како доказ дека земјата има капацитет да ги зачува и врати своите археолошки вредности и да води разговори за репатријација на предмети што се наоѓаат во странски колекции.
Гранд египетскиот музеј (GEM) е прв „зелен“ музеј во Африка и на Блискиот Исток, изграден според современи принципи на одржлив развој и еколошка архитектура. Во сите фази — од проектирањето и изградбата до секојдневното функционирање — применети се решенија што го минимизираат негативното влијание врз животната средина. Музејот обезбедува целосна пристапност за лица со попреченост, пешачки и велосипедски патеки, паркинг-простори за електрични возила и зони за одмор. Енергетската ефикасност и рационалната употреба на водата се постигнати преку системи за рециклирање и мерки за намалување на потрошувачката, особено при наводнувањето на зеленилото. Природната вентилација и употребата на дневна светлина се клучни елементи од архитектонскиот концепт, највпечатливо изразени во големото атриум-пространство каде посетителите ги пречекува монументалната статуа на фараонот Рамзес II./M.M.

Слики: Egypt State Information Service




















