Живописните, впечатливи приказни што Мартина низ своите слики ги раскажува за животот, себе си, создавањето беа повод за овој омаж со Мартина Салова Чешновар …
ММ: Долго сте на македонската фотографска сцена, особено во нејзиното следење. Како на неа гледавте тогаш, како сега, колку и како според вашето мислење се менувала низ времето – колку сето влијаело на вашето творештво?
Искрено, лично сметам дека всушност сум доста кратко на македонската фотографска сцена, барем во смисла на сериозно занимавање со фотографијата, но ја следам многу подолго од тоа. Тогаш ја гледав како нешто многу ексклузивно, нешто до кое се стигнува со многу труд, докажување и работа, како и во случајот на која било уметност. Сега сметам дека со лесниот пристап до квалитетни уреди за фотографирање, апликации и програми за уредување и сѐ поинтензивното користење на социјалните мрежи, полесно е да се истакне една индивидуа и да ја прикаже својата визија за одредено нешто. Секако дека сето тоа имаше влијание врз моето творештво. Постоеше период кога се трудев да ги следам актуелните трендови, но подоцна сфатив дека треба повеќе да се фокусирам на сопствената оригиналност и на она што мене лично ми лежи и ме интересира.
ММ: Модната фотографија е дел од Вашето творештво – колкаво место има и што всушност најмногу го буди интересот? Каде во сето се модните едиторијали? Дали фото апаратот е постојано со вас?
Мојот фотографски стил може да се дефинира низ повеќе фотографски жанрови што се испреплетуваат меѓу себе – модна фотографија, уметничка, портретна, понекогаш концептуална. Но во сето тоа се провлекува една непроменлива – човекот, без разлика дали станува збор за доловување на емоции, прикажување на одредена приказна/идеја или пак парче облека, накит, одредена фризура или шминка креирани од имагинацијата и вештите раце, повторно, на некој човек. Затоа лесно е во сето тоа да се вклопат и модните едиторијали, затоа што содржат од сѐ од наведеното. Порано имав навика да го носам фотоапаратот со себе секогаш кога ќе го пречекорев прагот од мојот дом, но со тек на време почнав да ги ценам моментите овековечени само во моите сеќавања.
ММ: Фотографијата денес е поприсутна и повеќе популарна од кога било. Социјалните медиуми ги охрабруваа луѓето да ги вадат своите мобилни телефони и да го истражуваат светот преку фотографија. Социјалните мрежи се преплавени со фотографии на кои им недостасува и спонтаност на аматерска фотографија, како и внимателен пристап кон уметничката фотографија. Како ја доживувате фотографијата во денешниот свет и каква иднина очекувате или посакувате?
Факт е дека на социјалните мрежи има сѐ. Тоа е едно бесконечно море од информации, важни и неважни, вредни и помалку вредни. Од друга страна, секој има право да објави што сака. Жално е само што социјалните мрежи станаа мерило за квалитетот на фотографиите во очите на повеќето луѓе. Но затоа сѐ уште постојат конкурси и натпревари на кои може да се застане рамо до рамо со други уметници и да се „измерат силите“, на кои други реномирани уметници од областа одлучуваат за квалитетот и вредноста на делото. Во иднина очекувам и посакувам вештачката интелигенција да ни овозможи побрзо и полесно фотографирање и уредување на фотографиите. Можеби технологијата ќе отиде толку напред што ќе имаме вградени камери во сопствените очи и со едно трепкање ќе може да фотографираме.
ММ: За некого кој сака фотографија и сака да се занимава со неа, кој би бил најдобриот совет?
Многу вежбање, пракса, истражување на сопствените наклонетости, но и истражувања во врска со тоа како да се биде технички подобар. Денес на интернет може да се најдат безброј информации за сѐ, а фотографијата не е исклучок. Подеми и падови секогаш ќе има, важно е да нема откажување, впрочем како и со останатите нешта во животот.
ММ: Изминатава 2020 не изненади, шокира, смени…како влијаеше на секојдневието и работата?
На мојата работа, за среќа, никако не влијаеше (со оглед на тоа што работам нешто сосема друго и работам од дома). Секојдневието неизбежно претрпе некои промени, но се обидов и сѐ уште се обидувам да живеам колку што можам понормално и цело време да бидам зафатена за да немам време да мислам на ситуацијава и да ги чувствувам нејзините последици. Влијаеше и на фотографијата, посебно во периодот кога имаше карантин, па морав сама на себе да си бидам модел. Потоа нѐ натера повеќе да излеземе и да фотографираме во екстериер (за што не се бунам, напротив), ни го отежна или оневозможи фотографирањето во ентериер и ни наметна мерки на претпазливост (што не е лошо во ситуацијава, но е доста напорно).
ММ: Иако 2020 не научи да не планираме премногу однапред постојат ли вести, проекти, идеи за наредниов период?
Секако. Идеите цело време надоаѓаат, тоа не може да се спречи. 🙂 Ако сега не можам да ги реализирам, ќе ги одложам за прва следна прилика кога ќе можам. Работам на неколку лични проекти и ќе продолжам со тоа, нормално, преземајќи максимални мерки на претпазливост, особено во затворени простории./М.М.