Инспирирана од љубовта на Christian Dior кон Бразил, креаторката на Dior, Cordelia de Castellane, ја создаде колоритната Copacabana колекција декорации со чинии, вазни, тегли, чаши, како и подметачи од рафија со тропски, цветни и марински мотиви. Крајниот резултат е колекција што е омаж на уметноста на гостопримството и забавата, проткаена со боемски начин на живот.
Колекцијата се состои од светли и шарени парчиња, декорирана е со прекрасни лисја и нежни цветни мотиви. Вазни, тегли и други украсни парчиња се претворени во шармантни аквариуми кои носат извонредно насликани риби и корали.
Christian Dior бил воодушевен и инспириран од бразилската радост во животот и живописните бои што ги рефлектира земјата, така што и многу од неговите модни идеи потекнувале од токму од тој простор. Денес, 64 години по неговата смрт, брендот ја продолжува оваа неверојатна врска, лансирајќи колекција исполнета со значење, софистицираност и префинетост./M.M.