Креативниот директор Николас Жескијер ја спои високата мода со бунтовниот поп-арт на Кит Харинг на историскиот музејски простор
Модната куќа Louis Vuitton ја претстави својата нова Cruise 2027 колекција во еден од најпрестижните њујоршки музејски простори, претворајќи го легендарниот The Frick Collection во спектакуларна модна писта. Креативниот директор на женските колекции, Николас Жескијер, доби ексклузивна дозвола музејот на Менхетен за првпат во историјата да биде домаќин на ревија од ваков формат, отворајќи ново поглавје во спојот меѓу високата мода, уметноста и уличната култура.
Ревијата, со која Louis Vuitton го започна и тригодишното официјално покровителство на музејот, беше осмислена како визуелен дијалог меѓу Париз и Њујорк, односно помеѓу префинетата естетика на њујоршкиот Upper East Side и суровата, ексцентрична енергија на downtown сцената од осумдесеттите.
Најголемото изненадување на вечерта беше официјалната соработка со фондацијата на легендарниот поп-арт и графити уметник Кит Харинг. Ревијата симболично беше отворена со историски Louis Vuitton ковчег од 1930-тите години, кој за оваа пригода беше украсен со препознатливите мотиви на Харинг од 1980-тите. Токму ова архивско парче, кое модната куќа го откупила во 2020 година, станало клучна инспирација за целата колекција.
Разиграните линии, силните графички мотиви и впечатливите бои на Харинг доминираа на свилени топови, архитектонски кроени фустани, кожени мантили и аксесоари, давајќи ѝ на колекцијата статус на потенцијални колекционерски парчиња уште пред официјално да пристигне во продажба.
Колекцијата се темелеше на контрастот „Grit meets Elegance“ — судир помеѓу грубото и елегантното. По пистата продефилираа модели во сатенски боксерски шорцеви, спортски обувки инспирирани од боксот и масивни бајкерски јакни со богат вез и пачворк детали. Паралелно со ова, Жескијер понуди и романтични, волуменозни топови со карнери инспирирани од ренесансните и едвардијанските портрети што се наоѓаат во музејот, комбинирани со модерни капри и карго панталони.
Посебно внимание привлекоа и аксесоарите, кои веднаш станаа вирални на социјалните мрежи. Louis Vuitton за следната сезона предлага ексцентрични клач чанти во форма на винил плочи, светкави чантички инспирирани од картонски кутии за кинеска храна „to go“, како и скулптурални модели со рачки во форма на антички јонски столбови.
Настанот не го пропуштија ниту најголемите холивудски ѕвезди. Во првиот ред седеа долгогодишните амбасадорки на брендот и добитнички на Оскар — Зендеја, Ема Стоун, Емили Блант и Ен Хатавеј, а меѓу гостите беа и Кејт Бланшет и Ејми Адамс. Феликс од Stray Kids веднаш го привлече вниманието на присутните и на социјалните мрежи. Неговото присуство уште еднаш ја потврди неговата улога како еден од најистакнатите амбасадори на брендот.
Со Cruise 2027 колекцијата, Louis Vuitton испрати јасна порака дека современиот луксуз повеќе не припаѓа исклучиво на тивките салони и традиционалните модни правила, туку живее токму на пресекот меѓу високата уметност, поп-културата и уличниот бунт.
Ревијата може да се погледне и на Youtube каналот на брендот :
Фото: Louis Vuitton


















