Нашиот интернационален модел Горјана Кулишевска, или Џоја, како што милуваат да ја ословуваат во светските модни центри, во Рим ја снимаше кампања за предстојната сезона на српскиот бренд Мона.
Снимањето и фотографирањето траеше неколку дена, при што се реализирани дваесетина стајлинга на повеќе локации низ градот. За потребите на кампањата Џоја возеше веспа низ римските улици и атрактивно чекореше на познатите Шпански скали. Инаку, брендот Мона, чие заштитно лице е Џоја, е познат по совршено изработените обувки и чанти кои, во последно време, пратејќи ги светските трендови, ги прават со еко материјали.
Периодов Кулишевска повторно беше и во Милано, кадешто работеше кампања за италијански бренд која ќе биде објавена наредната сезона, информираа од нејзината матична агенција Моделс Ин Менаџмент .