Витаминот К е клучен нутритиент за метаболизмот на калциумот, здравјето на коските, згрутчувањето на крвта и здравјето на срцето. К2 е присутен во животинската и ферментирана храна, а според најновите истражувања, може да помогне при остеопороза, срцеви заболувања и воспаленија.
Новите истражувања покажаа дека луѓето кои јадат исхрана богата со витамин К, имаат до 34 отсто помал ризик од кардиоваскуларни болести, поврзани со атеросклероза (состојби кои влијаат на срцето или крвните садови). Научниот труд „Внесување на витамин К и атеросклеротични кардиоваскуларни болести“ на истражувачи од Данска е објавен и во стручното списание на Американското здружение за срце.
Истражувачите испитувале податоци од повеќе од 50.000 луѓе кои учествувале во данската студија за исхрана, канцер и здравје во период од 23 години. Тие истражувале дали луѓето кои јадат повеќе храна богата со витамин К имаат помал ризик од кардиоваскуларни болести, поврзани со атеросклероза. Првин е разгледно постоењето на два вида на витаминот К кои се наоѓаат во храната – витаминот К1 доаѓа воглавно од зелен лиснат зеленчук и растителни масла, додека витаминот К2 го има во месото, јајцата и ферментираната храна, како сирењето.
Студијата покажа дека луѓето со најголем внес на витамин К имаат околу 21 отсто помали шанси да ?страдаат од кардиоваскуларни болести поврзани со атеросклероза. За витаминот К2, на пример, ризикот бил помал за 14 проценти. Овој помал ризик е забележан кај сите видови на срцеви заболувања, особено кај болести на периферните артерии каде што е намален на 34 проценти.
Тековните диететски упатства за витаминот К генерално се засновани само на количината на витамин К1 што треба да го консумира, за да се осигура дека неговата крв може да се згрутчи. Сепак, има се повеќе докази дека внесот на витамин К над сегашните упатства може да понуди дополнителна заштита од развој на други болести, како што е атеросклерозата – научниците откриле дека витаминот К делува така што штити од таложење на калциумот во главните артерии на телото, што доведува до васкуларна калцификација.
Но, иако базите на податоци за содржината на витаминот К1 во храната се многу обемни, за сега има многу помалку податоци за содржината на витаминот К2 во храната.
Покрај тоа, постојат 10 форми на витаминот К2 кои се наоѓаат во нашата исхрана и секоја од нив може да се апсорбира и да делува различно во нашето тело./М.М.